Градоначалниците на Тетово и на Чаир го злоупотребија Курти за дневно политички цели, смета Ковачевски


Тројцата опозициски првенци од албанскиот политички блок му прават друштво на косовскиот премиер Албин Курти во Тетово (Фото: Принтскрин)

Премиерот Димитар Ковачевски смета дека косовскиот премиерот Албин Курти бил злопотребен за политички цели од страна на градоначалниците на Тетово, Билал Касами, и на Чаир, Висар Гани. Одговарајќи денес на новинарско прашање за идејата за изградба на патод Тетово до Призрен, што беше една од пораките од посетата на Курти во двете општини, Ковачевски рече дека правењето на било кој регионален меѓудржавен пат може да биде предмет на разговор помеѓу било кого, но предмет на реализација може да биде само помеѓу владите. Тој додаде дека младите во земјава сакаат да имаме коридори и патишта со сите соседи.

„Станува збор за идеја која е многу поодамна од посетата на косовскиот премиер Албин Курти на општините Тетово и Чаир, каде што мислам дека човекот беше злоупотребен во дневно политички цели на овие два градоначалници кои што сакаат да се етаблираат на политичката сцена. Откако се крена дискусија во државата, ја видовте изјавата и на Косово и на претседателката на Косово, ја видовте и мојата изјава дека сите држави во Западен Балкан мора да соработуваат меѓу себе за да изградат регион кој што ќе биде интегриран во Европската унија и така и ќе биде. Почна да се зборува за големи држави овде. Овде има две држави кои што дел од најголемиот сојуз – НАТО. Така што, архаичните концепти од времето на национал романтизмот за големи држави се завршени на Балканот. Тоа јасно го кажа и американскиот амбасадор во Косово, тоа јасно ќе ви го каже и генералниот секретар на НАТО и било кој политичар од таков ранг“, рече Ковачевски одговарајќи на прашања на новинарите по посетата на компанијата „Дата мастерс“ во Скопје.

Зборувајќи за патот Тетово – Призрен, Ковачевски рече дека тој пат може да биде предмет на разговор помеѓу комшии, меѓу претставници на политички партии, помеѓу пријатели, меѓутоа предмет на реализација може да биде само помеѓу владите.

„Не е важно дали дошол косовскиот заменик-министер да разговара со некоја партија за тоа. Тој може да разговара со секого. Владите имаат потпишано меморандум кој вели дека во иднина треба да се размислува за изградба на пат кој ќе ги поврзува Призрен и Тетово и ќе се приклучи на Коридорот 8“, рече Ковачевски.

Нагласи дека секаде каде што ќе се изгради магистрален или автопат регионот се развива и додаде дека сите држави во Западен Балкан мора да соработуваат за да изградат регион кој ќе биде интегриран во Европската Унија. .

„Балканот не е веќе Балкан од 90-тите години од минатиот век кога не постоеја комуникации меѓу државите. Во времето на комунизмот се работеше само Коридорот 10, а Коридорот 8 не постоеше на мапата ниту на поранешна Југославија, ниту, пак, на Бугарија, Албанија и Италија, бидејќи се работеше за држави со многу лоши односи. Затоа воопшто не ме зачудува кога ќе видам 80-годишни политичари во нашата држава и во соседните држави кои уште го застапуваат тој концепт – да не се градат коридори и да има кавга помеѓу државите, бидејќи тие така ја изградиле својата кариера“, рече Ковачевски.

Нагласи дека во нашето Собрание се уште има пратеник кој доаѓа од редовите на поранешната УДБА и додаде дека не очекува тој да сака да ја види државава во Европска Унија.

„Тој изградил кариера државата да не биде во ЕУ и да биде скарана со сите соседи. Од него не може да се очекува да ја носи државата во ЕУ. Државата во ЕУ може да ја однесат новите млади политичари кои виделе што сакаат новите генерации. Нашите млади сакаат да работат во ЕУ заради поголем стандард, подобро социјално осигурување, подобро владеење на демократијата. Тие сакаат да имаат коридори и патишта“, порача Ковачевски.