Случај „Рекет“: Во обвинителството повикани градоначалниците на Карпош и на Битола


Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција испитало повеќе лица за кои смета дека можат да помогнат во истрагата за случајот „Рекет“, во кој притворени се Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милевски (Зоки Кичеец).

„Во текот на вчерашниот ден, по телефонски повик од јавен обвинител, во обвинителството даде изјава градоначалникот на општина Карпош. Денеска беше повикана и изјава даде градоначалничката на општина Битола. Во интерес на истрагата, обвинителството не е во можност да сподели детали околу содржината на дадените изјави“, велат од Обвинителството.

Наташа Петровска

Стефан Богоев и Наташа Петровска се споменуваат во приказните во јавноста за рекетот во кои се спомнуваат и фамозните Фрики и Кики, кои се псевдоними за високи и истакнати функционери на СДСМ.

„Паралелно со прибирањето на вербални докази, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во континуитет дава насоки и наредби за вршење и на други истражни дејствија. Вештачењата на прибраниот обемен материјал од извршените претреси е во тек. По наредба на обвинителството се врши и вештачење на содржината на пронајдениот и одземен втор мобилен телефон на јавниот обвинител. Почитувајќи ја транспарентноста во работењето, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе продолжи со информирање на јавноста за преземените дејствија секојпат кога ќе постојат законски можности и во обем кој не ја попречува истрагата“, соопштуваат од Обвинителството.