Градоначалнички избори на 19 мај во северно Косово, Харадинај ги повика Србите да излезат на гласање


Косовскиот премиер Рамуш Харадинај ги повика граѓаните од четирите општини со мнозинство српско население во северно Косово да излезат на 19 мај на вонредните локални избори и да гласаат за своите кандидати за градоначалници.

Повикот на Харадинај следи по денешната одлука на претседателот на Косово Хашим Тачи да се распишат избори во општините во кои градоначалниците, припадници на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа (СЛ), минатиот ноември поднесоа оставки поради одлуката на Владата во Приштина да воведе такса од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.

Во објава на својата страница на Фејсбук, косовскиот премиер ги повика политичките субјекти да учествуваат на изборите и апелира до граѓаните да придонесат за одржување на слободни и демократски избори во Зубин Поток, Лепосавиќ, Звечан и Северна Митровица, со почитување на домашните закони и на меѓународните демократски стандарди.

– Ги повикувам политичките субјекти кои ќе се натпреваруваат на изборите на 19 мај 2019 година да го искористат своето уставно право за претставување на интересите на граѓаните со тоа што ќе учествуваат на изборите. Исто така ги повикувам граѓаните на овие општини да излезат и да гласаат за најдобрите кандидати, кои ќе работат за доброто на граѓаните во тие општини, порача Харадинај.

По прогласувањето на изборите во четирите општини со мнозинство српско население, Српската листа објави дека нејзините челници, во врска со новосоздадената ситуација, в среда, на 10 април, ќе заминат во Белград на консултации со претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Најголемата партија на косовските Срби, СЛ, и покрај оставките на нејзините градоначалници и одлуката во Собранието на Косово да делува како опозиција, сепак останува дел од владејачката коалиција во Косово и нејзините министри продолжуваат да ги држат ресорите во кабинетот на Харадинај.