Градинка за 120 деца во Ресен

Со адаптација на постоечкиот објект Ресен наскоро ќе добие градинка за 120 деца. Вкупната вредност на зафатот е 22,4 милиони денари, во кои Министерството за труд и социјална политика учествува со 20,8 милиони денари. Средствата се обезбедени со поддршка на Светска банка.

Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ и градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски денеска направија увид во адаптацијата на градинката.

„Се грижиме за најмладите. Децата се нашата иднина. И во оваа градинка тие ќе учат и ќе го осознаваат светот, ќе се социјализираат и ќе се развиваат во љубопитни и истрајни личности. Градинките не се места каде децата само се згрижуваат, јадат и спијат и затоа е навистина важно секое дете да има еднакви можности за старт во живот. Обврска на институциите од централната и од локалната власт е тоа да им го овозможиме“, рече Шкријељ.

Преку програмата на Светска банка, обезбедени се 15 милиони евра, за дополнителни инвестиции во градинките. Минатата година платите на стручниот кадар во градинките пораснаа за 26 проценти.