Градинка во форма на круг – архитектонски бисер во Волково


Градинката во Волково

Градинката на еден мал рид над скопско Волково е пример за скандинавски концепт во грижата за децата. Таму е речиси сѐ поинаку од досегашниот концепт на градинките – од изгледот како летечка чинија, до организацијата на внатрешниот простор

Билјана Богдановска

Скандинавскиот концепт за претшколско образование, пресликан во архитектурата, прилагодена на потребите на децата, а во корелација со целите на образованието влезе во Македонија преку изградбата на новата градинка во форма на круг во Волково близу Скопје. Слична има и Токио.

Градинка во форма на круг! Нереално звучи за балкански, македонски услови, но таа идеја е веќе реалност. Постои во Скопје, изградена е во Општина Ѓорче Петров и тоа во селото Волково, а се планира да биде пуштена во употреба во следните месец до два. Таа е една од повеќето градинки во државава кои се градат за еден степен повисоко од оние што биле направени досега, и се проекти на Министерството за труд и социјална политика во соработка со општините. 

Внатрешен двор

Во моментот се опремува со мебел, се спроведува довод на електрична енергија, хортикултурно се уредува.

Градинката има и игралиште, смеслено и поставено во природа, да не дели од околината. Опремено е со дрвена платформа со пластични елементи, а до него неколку дебели трупци, геометриски споени по нив да може да се качуваат децата, да се јазат и скокаат, кога временските услови го дозволуваат тоа.  

Игралиште

Архитектонско решение што ќе го смени концептот за градинка

Зградата на градинката е друга приказна. Тоа е архитектонско решение што треба да го смени и концептот на чување деца во градинка.

Имено, самата форма на круг дозволува, односно, бара слободно однесување од децата. Тие ќе можат да трчаат и да си играат непречено, без да се свртуваат назад.

Кога ќе влезете во градинката, десно има амфитеатар, сместен во детскиот дел, каде  ќе се организираат претстави, приредби, настани, а амфитеатарот има пристапна рампа и за деца со посебни потреби кои користат количка. Зградата не дозволува никој да биде изоставен, да не може да учествува во нешто, само затоа што за него се потребни посебни услови. Во градинката, тие се вградени архитектонски.

Амфитеатар

„Направивме амфитеатар. Обично, амфитеатри се прават во приспособени зони. Не постојат во детските зони, надвор ги прават“, појаснуваат од Општина Ѓорче Петров.

Лево и десно од влезот се поставени занималните. Тие се изведени како отворен простор опремен со кружни масички и столчиња наменети за најмала возраст. Донесени се и креветчиња во кои децата треба да преспијат додека се во градинка. Лево се занималните за јасли. Секоја занимална е во посебна боја, сина, зелена, розова… Пред нив има закачалки за јакните и шкафчиња за чевлите. Во секоја од занималните има тоалети со мали ВЦ-школки и мијалници, како и простор за туш.

Тоалети

Најинтересно е што кружниот облик на зградата, односно прстенестиот облик, подразбира средината да е двор, а концентричните ѕидови се граничници на надворешниот дел, ходникот и занималните. Секоја занимална има фиксен прозорец, кој дозволува наставничките и воспитувачките да имаат надзор над децата без разлика дали тие се внатре или надвор.

Занимална

Идејата за дворот е во контролирана средина, децата од најмала возраст да се едуцираат во природа. Концепт развиен во Скандинавија. Внатрешниот двор значи и заштита од крадци, уништување и влез на други лица.  

 

„Идејата на затворениот кружен двор е летно време да ги седнат, да им стават масички, да трчкаат во дворот, да учат како растеле дрвцата и тоа да го гледаат. Да се донесат перници, столче, масички… Кога ќе учат за ливче да си скинат од дрвцето и да работат нешто со нив. Кога трчаат тие не се едуцираат, долу на игралиштето, може да го прават тоа. Овде во дворот може да сакаат да засадат друго дрво. Нека засадат! Нека ги учат годишните времиња, зелено ливче, жолто, паднало, дошла есен… Ова е мотив и за Министерството за труд и социјална политика да развие нова програма, освен оваа во училниве концепти“, вели Никола Лазаревски, раководител на  Секторот за урбанизам во Општина Ѓорче Петров, по чија идеја е направена градинката.  

Поглед кон Скопје

Ходниците се направени да служат на детскиот менталитет, слободно да трчаат во круг, а оставен е и простор каде ќе се стават перници или клупи покрај прозорците, за да може децата кои истрчале надвор на снегот, да седнат таму, да се прилагодат на температурата, а и да не внесуваат кал или снег во занималните. Стоп се става дури во делот на јалите, каде воспитувачките ќе можат да ги предупредат да бидат потивки, затоа што тука спијат бебиња.

Никола Лазаревски, раководител на Секторот за урбанизам во Општина Ѓорче Петров, по чија идеја е проектирана градинката

Греењето е со фенкојлери

Долу се прислужните простории. Половина е кујна, половина економски простории, сите технички служби и достава го користат концептот на круг. Влез – излез, достава на стока – нема мешање. Во градинката има предвидено и простории за медицински персонал.

Кујна

Градинката има најмодерен систем на греење. Нема котли, парно. Овој инвертер, фенкојлер систем е понапреден и од гасификација, сметаат од Општина Ѓорче Петров. Велат дека многу е поскап, но од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) препознале дека сега малку поскапо ќе се плати системот, ама за пет години се исплаќаат дадените пари. Во долниот дел има уште една убава просторија, кадешто ќе може да се смести спортска опрема за вежбање.

Проодниот покрив чека подобри времиња

Круната на овој проект требало да биде проодниот покрив. Тој е рамен, па замислено било по него да трчкаат децата, за што има изведено и надоврешни скали, а има и лифт за оние кои нема да можат да се качат по скали. Сепак, поради ограничени средства, покривот ќе мора да почека некои побави времиња, самата општина, Министерството или некој спонзор да го доуреди покривот, бидејќи подготовката е направена, да ја направат функционална како што е замислена.

Покривот со лифт

„Тогаш, кога градинката ќе го добие својот полн сјај, да се доближиме до скандинавскиот концепт на градинка, од таму ми беше инспирацијата. Со Министерството за труд успеав да се договорам и да направиме лифт, во иднина ако има некое дете со количка, не може тоа да е осакатено само со скалите. МТСП имаше слух и дадоа уште 30.000 евра за да се направи лифт, кој ќе функционира откако покривот ќе се направи и ќе може децата да се качат. Нека се искористи и само петпати, значи дека сме останале хумани луѓе“, вели Лазаревски.

Излез кон игралиштето опремен со пристапна лифт-рампа

Според него, градење вакви модерни објекти во рурални средини придонесува за квалитетното живеење во периферијата. Мора да им некој заштитен белег којшто ќе стои во средина, за да се „налепат“ луѓето со идеологија од 21 век.

Во градинката ќе се сместат 175 деца од претшколска возраст од Волково и околината: Стопански Двор, Ново Село, Кучково, Кисела Јабука, Никиштани…

Проектант на објектот е „Прима инженеринг“ ДОО Скопје, изведувач „Вардар градба“ ДОО Скопје и „Луктамен“ ДООЕЛ Скопје.

Фото: Б. Грданоски