Градежниците тврдат дека со раст на цените на становите сите добиваат


Фото: Б. Грданоски

Становите ќе поскапат, но градежниците не прецизираат колкав би бил растот. Иако вкупните трошоци за нивна изградба се зголемени за 15 отсто, Градежната комора вели дека на цената влијаат повеќе елементи: квалитетот на градбата, локацијата, инфраструктурата и поволниот деловен амбиент, но покачувањето на цените не е лошо.

„Со растот на цената на недвижностите, автоматски се зголемува и вредноста на недвижноста што ние ја поседуваме. Ако во минатото сме ја купиле за одредена вредност од 1.000 евра, а сега во моментов достигнува 1.200 евра, значи секој добива, никој не губи. Не треба да се дава акцент зошто поскапуваат станови, напротив, треба да поскапуваат со цел да се зголеми и животниот стандард и да се зголемат платите“, рече претседателот на Градежната комора, Ивица Јаќимовски.

Во зголемувањето на трошоците на градба најголемо учество, од 11,3 проценти имаат трошоците за вработените. Тоа се должи на недостигот на работна сила и иселувањето, а Јаќимовски објасни дека немањето континуитет во градежните активности, кои во делот на високоградбата со месеци се целосно замрени, влијае врз намалувањето на бројот на работници.

Сè уште не се затвораат градежни компании, но и до тоа ќе дојде доколку не се промени состојбата со блокирани урбанистички планови, мораториумот на градење во некои општини. Според Јаќимовски, не е добра констатацијата, кој посебно ја пласираат некои невладини организации, дека треба да запре градењето станови во Скопје. Градежниците инсистираат на градба на инфраструктура и на планско градење. Најнеплански во Скопје се градело во периодот од 2001 година до 2005 година.

За средување на состојбите во градежништвото, Комората бара да се формира меѓуресорно тело, во кое ќе учествуваат и претставници на Владата и општините.

Во делот на нискоградбата, градежниците сметаат дека пречка за реализирање на проектите е спроведувањето на јавните набавки. Тие често се менуваат, има несоодветната процена на вредноста на набавките и се прави лошата временска рамка за реализација.

„Потребно е да се обучи државната администрација за јавните набавки да може да се извршуваат поквалитетно, согласно новиот закон и да се реализираат предвидените средства за капитални инвестиции, за интензивирање и нивна реализација“, нагласи Јаќимовски. (А.С.)