Град во САД ја забрани продажбата на цигари и тутун за сите родени во 21 век


Градот Бруклин во Масачусетс ја забрани продажбата на цигари, тутун и тутунски производи на сите луѓе родени во 21 век, пишува ABC. Тоа е локална регулатива која може да послужи како модел за другите градови кои сакаат нивните жители помалку да пушат цигари.

Бруклин е првиот град во САД што донесе ваква уредба уште во 2020 година, а минатата недела беше потврдена од највисокиот суд на Масачусетс, отворајќи ја можноста за други градови да воведат слични забрани.

Правилото, кое забранува продажба на тутун на сите родени на или по 1 јануари 2000 година, стапи на сила во 2021 година. Според законот на Масачусетс, потпишан од поранешниот републикански гувернер Чарли Бејкер во 2018 година, на сите помлади од 21 година веќе им е забрането од купување тутун. Ова се однесува на цигарите, пурите, но и електронските цигари.

Пофалби и критики
Поддржувачите на забраната за млади на Бруклин велат дека државниот закон го признава овластувањето на локалните заедници да донесуваат сопствени мерки за ограничување на продажбата на штетни производи.

Критичарите на прописите на Бруклајн, вклучително и сопствениците на продавници кои заработуваат значителен дел од својот приход од продажба на тутунски производи, не се согласуваат со забраната.

Тие тврдат дека предложената регулатива е во спротивност со државниот закон од 2018 година кој им дозволува на оние од 21 година и постари да купуваат тутунски производи. Тие наведуваат дека поради градската уредба некои возрасни ќе можат да купат цигари, а други не.

„Законот е насочен кон тутунот, правилата за марихуаната остануваат исти“
Извршниот директор на Здружението на трговци на мало во Нова Англија, Питер Бренан, вели дека неговото здружение најверојатно ќе поднесе жалба на одлуката на Врховниот суд на САД што застана на страната на градската влада. Бренан истакна дека законот го таргетира само тутунот, но не и марихуаната, за која важат истите правила како и досега.

„Прашањето е како можеме да ги демонизираме овие производи“, рече Бренан за тутунот, додавајќи дека станува збор само за Бруклин „да биде прв во САД во нешто“.

Против одлуката да се забрани продажбата на тутун е и Џон Херст, шеф на Здружението на трговци на мало во Масачусетс. „Тоа може да доведе до мешање на правила, а тоа нема смисла за трговијата“, изјави тој за ABC.