Само Град Скопје, Струмица, Сарај и Теарце не добија „унгарски“ пари од Владата
Град Скопје, Струмица, Сарај и Tеарце се четирите локални самоуправи кои нема да добијат од унгарските пари што Владата ги дели за проекти што општините треба да ги реализираат во неколку области.
По извршената евалуација од страна на ресорните министерства, Владата соопшти дека одлучила оваа година да бидат финансирани вкупно 274 проекти во 77 општини, со вкупна вредност од нешто над четири милијарди денари (околу 65 милиони евра). За овие пари, до ресорните министерства беа доставени барања за 357 проекти од 80 општини.
Во ресорните министерства, фазата на евалуација не ја поминаа само четири општини: Струмица, Град Скопје, Теарце и Сарај, велат од владиниот сектор за комуникација со јавноста.
„Владата изрази благодарност на општините за максималната посветеност и ангажираност, што само ја докажува нивната способност и волја за инфраструктурен напредок, за што, во изминативе години немале можност поради ограничените финансиски средства. Почнувајќи од оваа година и во наредните години, на општините им се отвара нова можност да ги реализираат приоритетните проекти, да ги подобрат основните услови за живеење за граѓаните, да можат општините да се развиваат побрзо и да се создаваат нови можности за граѓаните“, пишува во владиното соопштение.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, појаснува дека општина Куманово добила најмногу средства, додека општина Центар добила 90 милиони денари за реконструкција на спортската сала „Работнички“.
Оценувањето на проектите го спроведуваа посебни комисии врз основа на предложените проекти од различни министерства.