Град Скопје обвинува: Има 15 институции одговорни за загадувањето, реагираме само ние
И по две години нема реакција од обвинителството за поднесената кривична пријава за „Усје“, каде се измерени три пати повеќе ПМ10 честички од дозволените
Град Скопје се пожали денес дека во Скопје има 15 институции кои се одговорни за загадувањето, но освен тие, не реагира никој друг.
-Во услови на зголемено загадување на амбиенталниот воздух во Град Скопје, покрај Инспекторатот на Град Скопје, во градот има уште вкупно 14 институции кои имаат надлежност и обврска да постапуваат при загадување на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните, меѓу кои Министерството за животна средина, Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот градежен инспекторат, инспекциските служби на 10-те општини во град Скопје.Досега единствено градот Скопје секојдневно реагира, додека останатите не постапуваат иако за истото имаат законска обврска, порачуваат од градот со соопштение.
Изминатата недела, според соопштението, инспекторите за животна средина на градот Скопје и комуналните инспектори изрекле казни на над 20 сторители, а секоја недела во просек се изрекуваат помеѓу 20 и 30 санкции.
-Град Скопје во минатата година поднесе повеќе кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, меѓу кои и опасен канцероген отпад во зелен појас со што се нагрдува градот и доведува во опасност на животот и здравјето на скопјани.
За жал и по повеќе од две години сеуште нема реакција од обвинителството по поднесената кривична пријава за Усје, каде се измерени три пати повеќе ПМ10 честички кои се испуштаат во атмосферата од дозволените на метар кубен секој час, што како сериозни прекршувања се спротивни на издадената А интегрирана еколошка лиценца која ја издава Министерството за животна средина. За загадувањето од котларата за загревање на цементарницата утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди NOx при што резултатите од мерењата покажале повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 милиграми, односно покажале 711,9 милиграми на метар кубен, порачуваат од градската администрација.
Според нив, Град Скопје со цел подобрување на квалитетот на воздухот реализира конкретни мерки во текот на целата година односно се доделуваат субвенции за инвертери, велосипеди, чистење оџаци, замена на азбестни кровови.
-Воедно се спроведуваат мерки за зголемена енергетска ефикасност, зголемени инспекциски контроли, нови зелени површини и појаси, нови велосипедски патеки. Со овие мерки и активности кои Град Скопје континуирано ги реализира, се делува превентивно кон изворите на загадување на воздухот кои потекнуваат од сообраќајот и користење несоодветни енергенси. Секој месец се организираат еко акции за садење дрвја и зазеленување нови површини во соработка со средните училишта на Град Скопје со што се подига нивото на свесност кај младите за важноста на здравата животна средина
Покрај мега паркот во Ѓорче Петров од 50.000 метри квадратни, Чаир 30.000 метри квадратни и Аеродром од 27.000 метри квадратни, во тек е изградба на мега паркот во Карпош на површина од 80.000 метри квадратни, што во град Скопје се случува прв пат по 30 години.
Се трансформираат запуштените површини во градска надлежност меѓу кои завршена е изградбата на новата Ботаничка градина во Скопје на површина од 12.700 метри квадратни.
Зголемени се инспекциските контроли и воведени се вонредни инспекциски надзори на инсталации што подлежат на Б интегрирани дозволи и инсталации со одобрени елаборати за животна средина кои се во надлежност на Град Скопје, а надзори и изречени санкции има повеќе од сите останати општини заедно
Зголемени се инспекциските контроли и воведени се вонредни инспекциски надзори на градилиштата и возилата што излегуваат од градилиштата кои мораат да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината
Се спроведува зачестено машинско чистење на улиците и пешачките површини во надлежност на Град Скопје и нивно миење кога временските услови тоа го дозволуваат согласно законските рокови
Активно се контролира имплементација на одлуката и контрола на сообраќаен режим за тешки товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје, во координација со МВР (да се користи обиколницата).
Град Скопје аплицираше со свој проект и самостојно доби 6 еколошки автобуси од Европската Унија со цел подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух ( ниту ни донирало Министерство за животна средина ниту ни помогнало, иако со истото се фалат што е срам да го прикажуваат како единствена своја активност во 6 месеци работа), порачуваат од Град Скопје.
Од таму најавуваат дека инспекторите на Град Скопје продолжуваат со засилениот инспекциски надзор на терен 24 часа, со цел намалување на аерозагадувањето и заштита на животната средина. Според нив, неселективно се изрекуваат казни за сите што не го почитуваат законот, ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето на граѓаните.
-Во изминатата година, градот Скопје има изречено казни од 9 до 100 илјади евра за правни лица и соодветни казни против физички лица кои се затекнати како креираат диви депонии, ги палат и го прекршуваат законот, порачаа од Градот Скопје.