Град Скопје негира дека има Ешерихија коли во скопската вода – ова бил оркестриран напад


Фото: Б. Грданоски

Не е точно дека е пронајдено Ешерихија коли во водата која го снабдува Скопје, ова е оркестриран напад, а подоцна ќе излеземе со целосна информација, тврдат од Град Скопје откако во јавноста почна да се шири информацијата дека и скопската вода да не е погодна за пиење поради постоење на оваа бактерија.

ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ вчера изјавија дека во текот на денот, Секторот за санитарна контрола зел 42 примероци од водоводната мрежа во Скопје, од кои четири се од бунарскиот потег Нерези-Лепенец. Примероците се испитувани со физичко-хемиски и микробиолошки анализи во акредитирани лаборатории согласно стандардот ISO 17025:2018.Од ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ посочуваат дека мониторингот се спроведува согласно важечките прописи за безбедност и квалитет на водата за пиење. Добиените резултати потврдуваат дека водата од скопскиот водоснабдителен систем е соодветна за пиење.

Ешерихија коли е бактерија која нормално живее во цревата на луѓето и животните. И покрај тоа што одредени типови на бактеријата се безбедни и ги има во здравиот дигестивен систем, постојат и типови на Ешерихија коли кои предизвикаат труење на организмот. Симптомите на труење се слични со стомачниот вирус, но честопати знаат да дадат потешки симптоми и може да траат многу подолго од една обична вирусна инфекција на цревата.