Град Скопје има пари за субвенционирање на уште 2.400 инвертер клими


Град Скопје ги потсетува граѓаните од сите скопски општини дека е во тек јавниот повик за доделување субвенции за инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата, каде што граѓаните може да аплицираат онлајн.

Од почетокот на отворањето на јавниот повик за субвенции за инвертери поднесени се 2.623 апликации, а остануваат средства за уште околу 2.400 барања.

Повикот има за цел да ги стимулира жителите на Град Скопје (домаќинствата) за употреба на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување на своите домови, кои се поекономични, енергетски поефикасни и еколошки прифатливи за околината.

Апликација може да поднесат жителите кои имаат купено високоефикасен инвертер клима уред во 2020 година почнувајќи од 01.01.2020 заклучно со траењето на повикот – заклучно со 30 ноември 2020 година или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена.