Говорот на Трамп во ОН засенет од повиците за импичмент поради притисокот врз Зеленски
Во еден антиглобалистички говор насочен кон својата опозиција, американскиот претседател Доналд Трамп денеска од говорницата на Генералното собрание на ОН се обрати, меѓудругото, против слободната трговија, мигрантите и социјализмот. Сепак, говорот е засенет со зголемените повици за негов импичмент по откритијата за злоупотреба од анонимен информатор во Администрацијата.
-Иднината не припаѓа на глобалистите туку на патриотите, истакна Трамп во својот говор пред 74-то ГС на ОН.
Говореше за економската надмоќ на САД и слободната меѓународна трговија од која, според него, САД трпат големи штети. Ги обвини Кинезите за технолошка шпионажа и ја поддржа борбата на Хонг Конг за независност.
-Американските трговски партнери не мислат добро на САД. Со (британскиот) премиер Борис Џонсон работиме на нов трговски договор… апсолутно сме посветени на тоа да го обновиме трговскиот баланс со Кина, изјави Трамп, додавајќи дека Пекинг мора да ги прифати барањата на демонстрантите во Хонг Конг.
Тој зборуваше и за Иран, тема која засега многу светски метрополи, повикувајќи на уште санкции за Техеран и забрана за земјата да развива нуклеарно оружје.
-Сите земји се одговорни да реагираат на заканата од Иран. САД нема да го толерираат анти-семитизмот на оваа земја, рече тој.
Трамп се осврна и на предизвиците со Северна Кореја, повикуваќи ја земјата дека мора да се денуклеаризира „за да може да ги искористи своите скриени потенцијали“. Американскиот претседател порача дека САД не сакаат „бескрајни војни“. За мигрантската криза, ги повика имигрантите и бегалците „да не доаѓаат на нашата граница бидејќи ќе бидат вратени назад“.
-Ги спроведуваме законите и ги штитиме нашите граници, изјави Трамп.
Во делот посветен на Венецуела, Трамп се осврна и на заканата од „режимот на Мадуро – кукла на социјалистичка Куба“, и „социјализмот никогаш нема да дојде во САД“, но и за заштита на сексуалните малцинства и религиските слободи.
Сепак, говорот на Трамп на главната дебата на ГС на ОН беше во сенка на се посериозните повици за негов импичмент. Повеќе демократи се за започнување на постапката, а загриженост има од републиканската страна, како на пример од сенаторот Мит Ромни со кој Трамп размени критички твитови.
Анонимен извор за „Волстрит журнал“ и „Вашингтон пост“ укажа дека Трамп користел притисок врз украинскиот претседател Володомир Зеленски, да започне истрага за корупција против демократскиот кандидат за претседател Џо Бајден и неговото семејство. Синот на Бајден, Хантер, е во бордот на директори на украинска енергетска компанија „Бурисма“ и наводно имало злоупотреби во 2016 година.
Според многумина набљудувачи притисокот до Зеленски бил условуван со (не)испораката на воена помош за Украина во вредност од повеќе од 250 милиони долари за земјата да се справи со руската агресија на источниот фронт. Телефонскиот разговор со Зеленски се случил на 25 јули, и Трамп веднаш потоа побара Конгресот да не одобрува средства за помош.
Демократите овде насетуваат огромни злоупотреби – искористување на претседателската власт со притисок врз странски лидер да бара компромитирачки материјали за свој политички противник.
Медиумите оценуваат дека станува збор за нова форма на заговор за мешање во изборна кампања, овојпат порачана од самиот америкаснки претседател. Во Киев велат дека оваа ситуација е во полза на рускиот претседател Владимир Путин.
Демократите бараат објавување на транскрипт од разговорот со Зеленски, а следното сведочење во Конгресот в четврток е на Директорот за националото разузнавање на САД, кој засега одбива да го стори тоа.
Групата демократски конгресмени кои бараат импичмент се зголемува секој ден, и денеска на широка парламентарна средба на демократите со спикерот на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, која засега е резервирана во однос на импичменот, ќе се одлучува дали „ова е случај што ја прелеа чашата“.
Во меѓувреме, во фокусот на вниманието во ОН денес е средбата на Зеленски со Трамп. Самиот Зеленски засега не ги коментира обвиненијата против неговот американски колега.
Ова ќе биде прва средба на двајцата лидери.