Говорот на омраза е една од најголемите пречки за учество на жените на високи раководни функции


Фото: Б. Грданоски

Жените се мнозинство меѓу вработените во јавниот сектор, но не и на позициите на кои се носат одлуките. Иако со 39,2% учество во 2024 година државата има релативно висока застапеност на жените во Собранието, во Владата тие учествуваат со само 15%, а од 58 лица именувани на лидерски позиции од страна на Собранието, само 16 се жени

Државниот завод за ревизија со извршената ревизија на успешност на тема „Жени лидери – жени во политиката, Собранието, на раководни функции во органи на централна власт“ утврди дека не се воспоставени ефективни политики и мерки за зајакнување на улогата на жените на лидерски позиции и на раководни функции во органите на централната власт .

Ревизијата го опфати периодот од 2020 до 2024 година, а одредени прашања и настани се
следени и до денот на известувањето.

Фото: Б. Грданоски

Иако жените претставуваат 57,5% од вкупно 110.885 вработени во јавниот сектор, на раководни позиции најчесто се именувани мажи, што укажува дека поголемата застапеност на жените во јавниот сектор не се преточува и во еднаков пристап до позициите на одлучување.

Извршената анализа покажува дека законски задолжителната квота за помалку застапениот пол има ефект врз учеството на жените во Собранието . Во периодот 2007–2024 година учеството на жените пратенички се движи од 30% до 43%, а во 2024 година изнесува 39,2%.

Со овој процент државата има повисока застапеност на жените во парламентот од 83% од земјите членки на Европската Унија, а во однос на земјите од регионот кои не се членки на ЕУ е на прво место. Сепак од конституирањето на првото Собрание во 1991 година до 2024 година, ниту една жена не е избрана за претседател на Собранието. Во актуелниот парламентарен состав има една жена потпретседател, а со Деловникот од 2023 година е воведена позитивна мерка со која најмалку еден од потпретседателите треба да биде од помалку застапениот пол.

Во извршната власт, состојбата е поинаква. Законот за Владата и Деловникот не предвидуваат родов баланс при предлагањето и именувањето на министрите. За разлика од парламентот, каде постои правно обврзувачка квота, составот на извршната власт зависи од предлогот на мандаторот. Во периодот 2014–2024 година учеството на жените во Владата како министерки се движи од 14% до 31%, како заменик-министерки од 7% до 25%, а како државни секретари од 6% до 31%. Во составот на Владата 2024–2028 година, од 20 министри со ресор, само 3 се жени, односно 15%, додека од петте заменици на претседателот на Владата нема ниту една
жена.

Фото: Б. Грданоски

Со ревизијата е утврдено дека недостигаат унифицирани механизми за избор и именување на лица на раководни функции во органите на централната власт. Именувањето се врши согласно различни закони, а во дел од постапките изборот се спроведува на затворени седници, што влијае врз транспарентноста на процесот. Уште во 2019 година бил изработен предлог закон со кој треба да се уреди високата раководна служба, постапката за избор и пополнување на високите раководни места, одговорноста и управувањето со учинокот на високите раководители.

Во мај 2026 година до Собранието е доставен Предлог на закон за високи раководители , кој предвидува еднаков пристап до функциите, избор според заслуги и професионално, транспарентно и непристрасно именување. Предлогот предвидува и грижа за родова еднаквост врз основа на стручност и компетентност. Во институциите каде што раководни лица именува Собранието, Владата и дел од ресорните министерства, не е обезбеден принцип на родова еднаквост како што е тоа случај со дел од именувањата во надлежност на Претседателот на државата.

Стратегијата за родова еднаквост 2022–2027 година ја препознава потребата од еднакво учество на жените во донесувањето одлуки на сите нивоа во политичкиот и јавниот живот . Сепак, утврдените индикатори не се доволно прецизни, и не се дефинирани конкретни мерки за дејствување и механизми за следење и отчетност на највисоките национални нивоа на управување.

Ресурсниот центар за родово одговорно креирање политики и буџетирање формиран од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади во 2022 година, во својата програма има утврдено дека една од целите на обуките е да се промовира и влијае на учеството на жените и еднаквите можности за лидерство, но утврдивме дека во 2024 година не спровел обуки конкретно насочени кон развој и унапредување на жените за лидерски позиции. Во документацијата за реализирани обуки за периодот 2022–2025 година не се
идентификувани програми или активности конкретно насочени кон жени лидери во политиката, парламентот или на раководни функции во органите на централната власт.

Како значаен ризик за учеството на жените во политиката и на високи раководни функции ревизијата го издвојува говорот на омраза, особено во онлајн просторот. Говорот на омраза е една од најголемите пречки за учество на жените на високи раководни функции, бидејќи има негативно влијание врз нив и врз членовите на нивните семејства и може да ги одврати од прифаќање раководна функција.

Создавањето сигурна средина за учество на жените во јавниот, политичкиот и професионалниот живот е предуслов за демократско управување и квалитетни јавни политики.

Со цел отстранување на утврдените слабости и создавање услови за поголемо учество на жените во политиката и на високите раководни позиции, дадени се препораки до Собранието, Владата, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за здравство, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и политичките партии.

Препораките се насочени кон утврдување конкретни и мерливи мерки во Стратегијата за родова еднаквост, подобрување на координацијата меѓу институциите, воспоставување механизми за следење и евиденција, зајакнување на лидерските капацитети на жените, обезбедување родова еднаквост при именувањата и создавање сигурна средина за учество во политичкиот и јавниот живот.

Државниот завод за ревизија оценува дека потребно е да се воспостави одржлив систем кој ќе обезбеди еднаков пристап, фер третман и сигурна средина за жените да учествуваат во политиката и да преземаат високи државни раководни функции.