Говор на омраза во време на пандемија


Хелсиншкиот комитет информира дека во текот на март оваа година, регистрирани се 110 случаи на говор на омраза, што е за 100 отсто повеќе за истиот временски период лани. Најголем број од случаите регистрирани во март се однесуваа на ситуацијата со пандемијата со коронавирусот и тоа доминираат пријавите по основ на етничка и политичка припадност, велат од Хелсиншкиот комитет.

Најголем број од случаите се однесуваат на воведувањето на вонредна ситуација од страна на Претседателот на Република Северна Македонија и со тоа полициски час, како и реакција на јавноста поврзана со мерките кои се преземаат од страна на Владата.

-Најмногу дигитален сообраќај и со тоа реакции на социјалните медиуми е забележан по завршувањето на официјалните прес-конференции на министерот за здравство во име на Кризниот штаб, информираат од Хелсиншкиот комитет.

Оттаму истакнуваат дека најголем број од пријавите (или 72 проценти) се однесуваат на две категории, и тоа етничка припадност и политичка припадност. Пријавите по основ за политичка припадност не биле толку високи од лани за време на одржувањето на претседателските избори. Исто така, 21 пријава, или 18 отсто се однесуваат на говор на омраза поради сексуална ориентација и родов идентитет.

-Високиот број на некарактеристични пријави се должи на прогласувањето на вонредна состојба во државата за спречување на ширењето на вирусот Ковид-19. Исто така, беше забележана активна негативна дискусија и разменување на негативен тон помеѓу поддржувачи на партиите на власт и опозицијата, особено за начинот како државата се справува со кризата (и од здравствен и од економски агол), велат оттаму.

За да може ефикасно да се следи говорот на омраза поврзан со јавното здравство, од овој месец, Хелсиншкиот комитет ќе воведе категорија за говор на омраза врз основа на здравствената состојба за да се подобри информирањето во овој дел.

-Хелсиншкиот комитет, врз основа на својата анализа, уште во февруари предупреди и продолжува да предупредува за драстичното зголемување на говорот на омраза, особено во новонастанатиот контекст со прогласувањето пандемија и воведувањето вонредна ситуација во државата. Исто така, Хелсиншкиот комитет предупредува да не се злоупотребуваат механизмите кои ѝ стојат на располагање на извршната власт и редовно да ги известуваат Претседателот на државата, медиумите и граѓанските организации за преземените мерки и нивниот ефект. Ова е особено важно во отсуство на функционално Собрание и можност за ефикасен надзор врз работата на извршната власт во време на вонредна ситуација, потенцираат од Хелсиншкиот комитет.

Оттаму ги повикуваат граѓаните да пријавуваат говор на омраза на социјалните медиуми на платформата www.govornaomraza.mk или директно во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи.