Готвам и медитирам: Натали Грубовиќ откри што прави во карантин во Нови Сад


Лејла Сабит

Натали Грубовиќ-Глушац, една од најславните наши манекенки и водителки, се повлече од македонската естрада, се омажи, доби ќерка, која исто така, се вика Натали, и пред шест години, со семејството се пресели во Нови Сад, Србија.

Во разговорот за „Независен“ открива дека во карантин не и е здодевно ниту една секунда, работи на себе во секоја смисла, поминува квалитетно време со сопругот и се надева дека сите ќе извлечеме поука од оваа состојба и нема да го земаме животот здраво за готово.

Како ви поминуваат деновите во изолација во Нови Сад?

-Веќе се навикнавме на вонредната ситуација и земајќи ја во обѕир сериозноста на оваа состојба, седењето дома не ми е тешко. Имам мало дете, па денот ми е максимално исполнет. Ги усовршив кулинарските вештини, почнав редовно да вежбам, медитирам,  читам, поминувам квалитетно време со сопругот, а најомилени ми се игрите со Натали. Некако добро се организирав, па не ми е здодевно ниту една секунда.

Каква е ситуацијата во Нови Сад? Имате ли полициски час?

-Состојбата во Србија е слична како и секаде во регионот, имаме полициски час и вонредни мерки, а од денеска се мерките малку порелаксирани, бидејки во работа се пуштени угостителските објекти и сообраќајот, но со почитување на предложените мерки на владата за заштита и социјална дистанца.

Колку коронавирусот ги смени вашите животни навики и размислувања?

-Бидејки имам повеќе време, се потрудив да усвојам нови навики кои ми помагаат денот да ми биде поисполнет и да бидам позадоволна. Го користам овој период да работам на себе во секоја смисла и се трудам да не гледам многу вести и да не читам весници.

Кои се вашите херои на новото време?

-Пред се, тоа се докторите и сите медицински работници, кои се на првата линија на одбрана во борбата со Ковид-19. Секако дека тоа се најголемите херои , но во целава ситација треба да им се оддаде почит  и на сите полицајци,војници кои се грижат за нашата безбедност, професори и учители кои и  во овие нови услови го даваат својот максимум да ни ги образуваат децата, потоа сите новинари, камермани кои се трудат благовремено да не информираат, продавачки, касиерки,пекари, апотекари, возачи,чистачки….и сите оние кои  секојдневно се изложени на опасност за да ни излезат во пресрет да можеме нормално да функционираме и во овие тешки услови.

Целото семејство ви е во Скопје, родителите и сестрите. Колку често се слушате?

-Се слушаме секој ден, среќа денешната технологија ни дозволува и да се гледаме, па првото утринско кафе го пијам со мајка ми и со татко ми, а попладневното со сестрите. Ми недостасуваат и се надевам дека состојбата набргу ќе се стабилизира и дека ќе можеме да дојдеме во Скопје.

Со кои пријатели најмногу се слушате?

-Последните неколку години, откако живеам во Нови Сад, мојата комуникација со пријателките генерално се одвива преку телефон, Најмногу тоа се другарки од Скопје, но исто така имам пријателки кои живеат во Атина, Белград, Црна Гора…па најчест вид на комуникација ни е viber/whatsapp.

Што ви недостасува најмногу од нормалниот живот?

-Најмногу ми недостасува семејството, патувањата и прошетките со Натали во природа. Навикната сум секој месец да патувам. Веќе почнав да правам планови да отпатувам штом се отворат границите.

Што прво ќе направите кога ќе заврши пандемијата?

-Прво ќе отпатувам да се видам со семејството, а потоа одам на море.  Се надевам дека наскоро ќе се најде лек и дека животот ќе се врати во нормала. Верувам дека сите ќе извлечеме поука од оваа состојба и нема да го земаме животот здраво за готово. Се надевам дека повеке ќе се сакаме и почитуваме самите себеси, како и едни со други и дека повеќе ќе ја чуваме и сакаме нашата планета.