„Готвачот на Путин“, Пригожин, призна дека Русија се мешала во изборите во САД
„Се мешавме и ќе продолжиме да се мешаме на наш начин“, изјави Евгениј Пригожин, шефот на платениците од „Вагнер“
Рускиот бизнисмен Евгениј Пригожин денеска изјави дека се мешал во изборите во САД и ќе продолжи да се меша во иднина, што е прво такво признание од човек официјално именуван од Вашингтон дека влијаел на американската политика, објави Ројтерс.
Во коментарите објавени од прес-службата на неговата угостителска компанија „Конкорд“ на рускиот еквивалент на Фејсбук – ВКонтакте – Пригожин рече: „Се мешавме (на изборите во САД), се мешаме и ќе продолжиме да се мешаме. Внимателно, прецизно, хируршки и на наш сопствен начин, како што знаеме и умееме да го направиме тоа“.
Неговите зборови беа објавени во пресрет на среднорочните избори во САД како одговор на барањето за коментар од страна на еден руски информативен сајт.
„За време на нашите прецизни операции, ќе ги отстраниме и бубрезите и црниот дроб одеднаш“, рече Пригожин, без да образложи за неговиот загадочен коментар.
Пригожин, кој често го нарекуваат „готвачот на Путин“ затоа што неговата угостителска компанија работи со договори со Кремљ, официјално е обвинет дека спонзорира „трол фарми“ со седиште во Русија, кои се обидуваат да влијаат на американската политика.
Во јули американскиот Стејт департмент понуди награда до 10 милиони долари за информации за Пригожин во врска со „учество во мешање во американските избори“. Тој е погоден од санкциите од САД, Велика Британија и Европската унија, потсетува Ројтерс.
До неодамна, Пригожин не зборуваше јавно, но стана поискрен за време на војната во Украина, вклучително и критикувајќи ја работата на руските генерали. Во септември, тој призна дека ја основал платеничката група „Вагнер“ поддржана од Кремљ, која е активна во Сирија, Африка и Украина.
Минатиот петок „Вагнер“ отвори центар за одбранбена технологија во Санкт Петербург, што е уште еден чекор на Пригожин да го нагласи своето учество во воените активности на Русија.