Гостиварец дизајнер на електрично возило за средната класа


Тетово – Познатата канадска автомобилска компанија „Електра“ следното лето треба да започне со производство на суперавтомобил на електричен погон, со дизајнерски потпис на младиот гостиварец Михаел Меркрел. Тој дизајнира во 3Д-техника.

Како што вели Мерклер, кој со дизајн на возила се занимава од својата 14-годишна возраст, конечниот дизајн е одобрен, а новиот автомобил ќе биде најевтиниот и најиздржлив електричен спортски автомобил.

„Ако човек ја работи својата работа со љубов и посветеност, тогаш несомнено е дека ќе успее во целта. Самиот дизајн, кога првпат ќе го видите, веднаш ќе помислите дека се работи за возило кое чини над милион долари, но ние сфативме дека луѓето пред сè ги привлекува самиот дизајн. Ние сакавме да направиме возило кое ќе изгледа дека е од милион долари, но да биде поевтино и достапно и за населението од средната класа. Возилото ќе биде на погон од четири тркала, се претпоставува дека ќе го покренат два електрични мотори кои ќе имаат 500 коњски сили, и се надеваме дека ќе успееме возилото со едно полнење да помине околу 800 километри“, вели Мерклер.

Тој нагласува дека не ги заборавил и автомобилите од детството, со кои сега одредени компании се потсмеваат. Гостиварецот своите модели ги споделува на мрежата „Behance“, која спојува дизајнери, вљубеници во автомобилизмот и инвеститори од целиот свет. Првпат вниманието на пошироката јавност Михаел го привлече со својата визија за легендарното возило од бившите ју-простори, „југо“, создавајќи дизајн на модерен спортски „стоеден“.

„Меѓу првите проекти кои навистина привлекуваат многу внимание беше ‘југото’, тоа на некој начин ми беше предизвик бидејќи сите знаеме дека ова возило беше предмет на одреден потсмев, сакав да направам нешто дека и тие можат да излезат добри возила. 3Д-програмите се користат за многу работи почнувајќи за филмската техника па сè понатаму. Не е баш лесно, секој почеток е тежок, но не треба човек да се откажува“, вели Мерклер

Следен проект на кој работи Михаел е спортски автомобил, каде што акцент става на специфично отворање на вратите, концепт на лизгање при што заедно со вратите би се кревал и покривот на возилото. (З.Д.)