Гостиварци фрлаа тоалетна хартија од гнев поради поскапувањето на струјата

Граѓани од Тетово и Гостивар и денеска протестираа против одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, за поскапување на струјата за 7.4 отсто.

На вечерашниот протест, кој се одржа на плоштадот на градот, организаторите ги повторија барањата, истакнувајќи дека нема да отстапат и да ги запрат протестите до нивното исполнување.

„Да се повлече одлуката за поскапување на цената, да се намали актуелната цена за 40%, да се национализира дистрибуцијата на електричната енергија, да се одземе монополот на ЕВН и да се укине регулаторната комисија за енергетика”, се барањата кои во името на организаторите на протестот ги прочита Арианит Џафери.

Поголема група гостиварци исто така одржа протестен марш незадоволни од одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за зголемувањето на цената на електричната енергија. Маршот го организираше навивачката група „Кастриоти“. Со транспаренти за намалување на струјата, пораки до надлежните напишани на албански јазик и скандирање повеќе стотина граѓани поминаа од Центарот за култура до дирекцијата на ХЕЦ Маврово и завршија пред седиштето на КЕЦ на ЕВН Македонија. Организаторите посочија дека целта на протестот е да се истакнат нивните барања: да се повлече одлуката за зголемување на цената на електричната енергија, да се намали цената до 20 проценти, да се укине монополот на услугите на ЕВН, да се распушти Регулаторната комисија за енергетика и да се создаде независно тело во служба на граѓаните кое ќе го проверува квалитетот на услугите од областа на енергетиката.

Протестот кој траеше нешто повеќе од половина час помина без инциденти и под надзор на полициски службеници. На крајот од протестот кон зградата на ЕВН беа фрлени јајца и ролни со тоалетна хартија.