Гостивар испрати спасувачки тим во Турција, а Струмица и Тетово пратија пожарникари


Осум пожарникари од Територијалната противпожарна екипа – Гостивар денеска заминаа за Турција заедно со хуманитарна помош.

Тие ќе им помогнат на турските власти во санирање на штетите и ќе пружаат помош на тамошните жители по катастрофалните потреси што го зафатија погодениот регион на Турција.

На испраќање, градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари истакна дека пожарникарите се стручно обучени за пребарување и спасување.

– Со овој гест, Гостивар им излегува во пресрет на настраданите во катастрофалниот земјотрес. Им благодарам на хероите на мојот град за подготвеноста и им посакувам многу среќа и исполнување на нивната мисија со чест и професионализам, изјави градоначалникот Таравари.

Фото: Б. Грданоски

Екипата која заминаа за Турција со себе ќе понесе и хуманитарна помош донирана од компанијата „Алмеро“.

Таравари ги демантираше информациите дека во погодениот регион има ученици од Гостивар.

– Нема ученици од Гостивар кои организирано заминале во Турција преку програмата „Еразмус“ и тоа го проверивме уште вчера. Може некој да заминал самоиницијативно, но нема во организација на наши училишта, рече Таравари.

Уште девет пожарникари од Струмица и тетово на пат за Турција

Девет пожарникари од Тетово и Струмица веќе се на пат кон Турција за да помогнат во спасувачките активности во погодените градови од катастрофалниот земјотрес што ја погоди земјата.

Општина Тетово и Територијалната противпожарна единица испратија специјализирана екипа пожарникари обучени за давање помош при елементарни непогоди во Турција.

-Во знак на солидарност и поддршка, група од 9 лиценцирани лица за елементарни непогоди од Територијалната противпожарна единица Тетово, со противпожарна и опрема за пребарување и спасување заминаа за југоисточниот дел на Туркије за да му помогнат на турскиот народ. Тетово ја споделува и сочувствува со големата болка на турскиот народ и оваа огромна трагедија што ја зафати Туркије, објави градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами.

Конвојот на Дирекцијата за заштита и спасување составен од 11 возила и 39 спасувачи утрово тргна кон Турција.

Скопје со првична интервентна помош

Како првична и интервентна мерка градот Скопје испрати екипа на Територијална противпожарна бригада на Град Скопје кон Газиантеп каде ќе биде ставена на целосно располагање на турските власти за сите потреби на спасувачката акција.

На утрешната седница на Советот на град Скопје предложи и точка на дневен ред за одобрување на 6 милиони денари првична хуманитарна помош за Турција и Сирија.

– Во контакт сме и со локалните власти од Газиантеп, и се што ќе произлезе како потреба на тамошните власти, градот Скопје го става на располагање. Скопје знае што значи солидарност. Скопје е град на солидарноста! -велат од Град Скопје.