Гори објект во сопственост на „Макотекс“ во Карпош 4


Голем пожар денеска околу пладне зафати објект во скопската населба Карпош. Се работи за простории кои порано биле во сопственост на „Макотекс“, а сега, според првични информации, служат како сервис за возила.

Засега нема информации дали во моментот на избувнувањето имало луѓе во објектот. Причините за пожарот не се познати.

Видео од местото ја прикажува разгорената огнена стихија и оштетувањата на објектот. Нема официјални податоци за повредени, ниту за материјалната штета.

Повеќе детали се очекуваат по увидот на надлежните.

Пожарот се гаси со неколку екипи на скопската Пожарна, но и со „ер трактор“ од воздух.

„Пожарот на опожарените бараки т.н. лепенки се става под контрола. Во гаснењето учествуваат повеќе возила и екипи на БППЗ Скопје под водство на командантот на единицата Звонко Томовски. Нема информации за повредени или настрадани лица“, изјави Стојанче Ангелов директор на Дирекцијата за заштита и спасување.

Советничката во Советот на Општина Карпош од граѓанската иницијатива „Независни за Карпош“ Татјана Стојановска вели дека пожарот е во дел за кој Деталниот урбанистички план е во фаза на изработка.