Гори ли Калифорнија поради одлуката што ја донеле пред повеќе од 150 години?


Американската држава Калифорнија, веќе три дена, се бори со еден од најсмртоносните пожари во историјата, во кој загинаа најмалку петмина, а повеќе луѓе се тешко повредени, илјадници се евакиурани. Домовите на многумина повеќе ги нема, како и на многу славни холивудски ѕвезди. Иако сѐ уште не е блиску до гаснење поради силниот ветер, се поставуваат прашања како и зошто настанал ваков страшен пожар.

Некои наведуваат дека причината е критичен недостаток на вода, други лошата инфраструктура и раководство, додека трети велат дека еукалиптусот е главниот виновник.

Во зависност од тоа со кого разговарате, еукалиптусите во Калифорнија се или легендарни или огромна закана што „сака“ оган.

Достигнувајќи височина од над 30 метри, главниот тип на еукалиптус во Калифорнија е тасманискиот син еукалиптус (eucalyptus globulus). Има лисја во форма на срп кои висат од високите гранки и кора која постојано се лупи што дава „бушав“ изглед на стеблата. За некои, мирисот на еукалиптус има лековито дејство, а многумина тврдат дека дрвјата едноставно „мирисаат на Калифорнија“.

Како еукалиптусите стигнаа до Калифорнија?
„Дрвјата еукалиптус дојдоа во пакети со семиња на бродовите кои пристигнуваа во Калифорнија во 1850-тите“, објаснува Џаред Фармер, автор на „Дрвјата во рајот: Историја на Калифорнија“, како што објави KQED.org.

За време на златната треска од средината на 19 век, Австралијците беа меѓу оние кои се преселија во регионот каде што дрвната маса беше дефицитарна.

„Ова беше ера во која сè се засноваше на дрвја“, вели Фармер, додавајќи: „Дрвото се користело за речиси сè – за енергија, градење градови, транспорт – сè за што користиме бетон, пластика и челик денес“.

Настрана од практичната потреба за садење дрвја, доселениците навикнати на густи шуми го сметаа тревнатиот, мочурлив и крут пејзаж на Калифорнија нецелосен. Така, за неколку години, расадниците во Сан Франциско почнаа да продаваат млади еукалиптус дрвја израснати од семиња.

Дрвјата растеа неверојатно брзо, дури и во лоша почва.

„Во просечна дождлива година во Калифорнија, овие дрвја растат меѓу 1,2 и 1,8 метри во височина и во раните години на раст го зголемуваат дијаметарот на стеблото за половина до еден сантиметар“, објасни Џо Мекбрајд, почесен професор по пејзажна архитектура и планирање на животната средина на Универзитетот во Беркли.

Еукалиптуси како ветробрани

Покрај промената на пејзажот и обезбедувањето дрва за огрев, Калифорнијците засадија еукалиптуси (главно син еукалиптус) за заштита од ветер.

Најголемата и најгуста плантажа на синиот еукалиптус во светот, лоцирана во кампусот на Универзитетот во Беркли, првично беше засадена пред 140 години токму како ветробранска заштита односно, за прашината од патеката да не им доаѓа влице на спортистите.

Успехот на еукалиптусот во Калифорнија делумно се должи на недостатокот на природни непријатели. Бидејќи биле одгледувани од семиња, тие не донеле штетници или патогени со кои би можеле да се борат во Австралија.

Садењето еукалиптус цветаше на почетокот на 20 век
Во рок од неколку децении од доаѓањето на еукалиптусот, многу Калифорнијци изгубија интерес за дрвото. Синиот еукалиптус се покажа како слаб за обработка на дрво – често пукаше, што го прави несоодветен за употреба за талпи. Покрај тоа, тој се покажал како исклучително „жеден“, сушејќи ги блиските бунари.

„Ако ги погледнете калифорниските земјоделски списанија од 1870-тите, 1880-тите и 1890-тите, ќе најдете извештаи полни со разочарување, како „овие дрвја се бескорисни“, рече Фармер.

Но, на почетокот на 20 век, ситуацијата се смени кога претставници на Шумската служба на САД изразија загриженост за претстојниот недостиг на дрва. Тие се плашеа дека шумите во источниот дел на САД се преексплоатирани и нема да се обноват, и предвидуваа дека резервите од тврдо дрво ќе исчезнат во следните 15 години.

 

Инвеститорите видоа можност: Калифорнија имаше дрво што може да порасне до целосна големина во таа временска рамка. Ако се потрошат тврдите дрвја, претпоставуваа тие, побарувачката за такви дрвја би можела вртоглаво да се зголеми, што ќе им донесе голем профит на краток рок.

„Само сакаа да заработат пари“
Фармер објаснува дека овие инвеститори не обрнале внимание на лошите критики за синиот еукалиптус. „И дури и да го знаеле тоа, веројатно не им било грижа затоа што само сакале да заработат – тие само купувале и препродавале земјиште“.

Ова резултираше со шпекулативна треска, или т.н пазарен балон. Почнаа да се продаваат насади густо засадени со еукалиптус – стотици дрвја на хектар. За само неколку години, низ Калифорнија беа засадени милиони сини дрвја еукалиптус.

Сепак, предвидениот недостиг на дрва никогаш не се случи. Шумите на исток се покажаа поотпорни од очекуваното, а потребата за дрво се намали поради употребата на бетон, челик и пластика. На крајот, илјадниците хектари еукалиптус засадени низ Калифорнија не вредеа ниту да се исечат.

Голем дел од денешните дрвја се напуштени стогодишни насад.

Што е со пожарите?
Еукалиптусите во Калифорнија имаат и застапници и критичари. Голем дел од дебатата за тоа дали овие дрвја треба да останат е поврзана со катастрофалниот пожар во Ист Беј во 1991 година, кој однесе 25 животи и остави илјадници без покрив над главата. Изгореа огромни површини со еукалиптус.

 

 

„Луѓето не го поврзуваа пожарот со плантажата во тоа време; тие едноставно мислеа дека е шума со еукалиптус“, вели ботаничарката Џен Јост од Универзитетот Кал Поли, додавајќи: „А кога пожарот помина – толку брзо и толку интензивно – и толку многу луѓе ги загубија своите домови, природната реакција беше омраза кон синиот еукалиптус“.

Неколку причини зошто еукалиптусот ги прави пожарите поризични
Експертите наведуваат неколку причини зошто еукалиптусот го зголемува ризикот од пожар. Кората што ја фрлаат брзо се суши и станува гориво. Кога ќе започне пожар, оваа кора лесно се носи од ветрот и може да го шири огнот со километри. Еукалиптусот е полн со масло. Токму ова масло го дава интензивниот мирис по кој се познати, но при пожар ги прави дрвјата исклучително запаливи.

Сепак, некои го поддржуваат зачувувањето на еукалиптусот, тврдејќи дека и други растенија кои би ги замениле би изгореле. Пред неколку години, федералните средства наменети за отстранување на дрвјата на ридовите на Ист Беј беа повлечени откако демонстрантите протестираа голи и прегрнуваа еукалиптусови дрвја во кампусот во Беркли. Но, по речиси една деценија правна битка, судот му даде дозвола на Беркли да ги отстрани дрвјата.

Сепак, тоа е капка во морето со оглед на тоа колку вакви дрвја има во Калифорнија.