Гори дивата депонија кај салата „Борис Трајковски“


Од чистењето на депонијата во 2019 година ФОТО: Борис ГРДАНОСКИ

Во близина на салата „Борис Трајковски“ во Карпош попладнево избувна пожар, а над населбата се издигнува густ чад. Според првичните информации, запалени се сува трева и ѓубре од депонија.

Скопската противпожарна бригада со три возила интервенира на терен и очекуваат за кратко време да се локализира пожарот.

– Запалени се сува трева и ѓубре од депонија. Три возила со седуммина пожарникари веќе го гаснат пожарот и очекуваме дека за многу кратко време ќе биде локализиран, вели Ѕвонко Томевски, командант на Противпожарната бригада на Скопје.

Во пожарот зафатени се и дрвјата и зеленилото што се наоѓаат во зелениот појас покрај кејот на Вардар.

Ова место опстојува како депонија, иако поранешните градоначалници на Скопје и на Карпош  Петре Шилегов и Стефан Богоев организираа акција за чистење на депонијата во 2019 година. Сепак, само неколку месеци потоа повторно почна да се трупа ѓубре. Се постави и врата и рампа за да се затворат влезовите, но тие се оштетуваат од несовесни граѓани.

Досега, никој не е казнет за исфрлање ѓубре на оваа дива депонија.