(Видео) Гори автобус на ЈСП во Ѓорче Петров, нема повредени


Градски автобус на ЈСП, со број 5, се запали во Општина Ѓорче Петров, а според фотографиите кои се споделуваат по социјалните мрежи се гледа дека гори горниот дел на автобусот.
Од ЈСП Скопје информираат дека на лице место е внатрешна контрола и се утврдуваат причините за несреќата, најважно е што нема повредени патници.

„Во автобусот на линија 5 во кој утринава избувна пожар нема повредени патници, причинета е само материјална штета. Настанот се случил во близина на Општина Ѓорче Петров, кога автобусот сообраќал на редовна линија во правец кон центар.

Пожарот, чии причини се утврдуваат, е изгаснат во брзо време, благодарение на брзата интервенција на екипата на Противпожарната бригада.

Внатрешната контрола на ЈСП Скопје веднаш излезе на терен и се утврдуваат причините на пожарот“, соопштја од ЈСП.

Според нив, возачот на автобусот изјавил дека за време на возењето забележал чад од горниот кат на возилото, застанал и со ПП-апарати се обидел да го изгасне. Во меѓувреме забележал и искрење и повикал на помош екипа на Противпожарната бригада. Пожарот бил изгаснат во најбрз можен рок.

Во моментов, на терен врши увид и екипа на МВР.

Се работи за автобус со број 5 кој сообраќа на релација од Дексион кон Ново Лисиче.