„Горење“ ја затвора фабриката во Заечар

Две години откако беше донесена одлука да се фокусира на развој на основната дејност – производство на апарати за домаќинство – и постепено да излегува од други производствени активности, раководството на „Горење“ реши да ја затвори фабриката за санитарни производи под брендот „Горење хоум“, во Заечар, соседна Србија. Фабриката, како што навеле од „Горење“, работи долго време со значителни загуби.

Белградска „Политика“ пренесува дека раководството на „Горење“ интензивно преговара со двајца потенцијални партнери кои би ги изнајмиле или би ги купиле просторот и капацитетите за производство и на тој начин би овозможиле повторно вработување на работниците од заечарската фабрика

Според директорот на „Горење хоум Заечар“, одлуката да се прекине производството нема никаква врска со сегашната пандемија, пренесува Танјуг.

„Тоа е резултат на значителни загуби што ги има оваа фабрика, како и стратешката одлука на ‘Горење’ да се фокусира на основната дејност на апарати за домаќинство и да се повлече од сите други дејности, како што е производството на санитарни уреди“, објаснува тој.

Со синдикатот бил постигнат договор за сите важни прашања околу раскинување на договорот за вработување и за испратнина за 102 вработени, пишува весникот.

„Горење“ започна со работа во Заечар во 2011 година кога ја купи компанијата „Порцелан“. Главното портфолио во последните две години е производство на мијалници, садопери и санитарна опрема. И покрај инвестициите од над 10 милиони евра во опрема и инфраструктура во претходните девет години, оваа фабрика не успеала да обезбеди одржливост на своето работење.

Во претходните две години, кога се спроведува стратешкиот план за постепен излез од секундарните активности, матичното друштво во Словенија ја продаде компанијата за преработка на отпад во Марибор, „Горење Суровина“ и нејзините филијали на компанијата „Еко Суровина“, како и фабриката за бојлери „Горење Тики“ од Стара Пазова.

„Хајсенс Горење“, како што пренесува весникот, останува посветена на плановите за зајакнување на позициите на пазарот кај основната дејност – производство на апарати за домаќинство и додава дека фабриката во Ваљево останува центар за производство на уреди за ладење „Хајсенс Горење“ за Европа, а во следниот период се планира да се зголеми обемот на производство и да се прошири капацитетот.