Горан Милиќ: ТВ легендата се враќа на екраните со репортажа од Куба


Хрватска– Легендарниот ТВ- новинар и уредник на патеписи Горан Милиќ (73) иако е 8 години формално во пензија, се враќа на екраните на хрватската национална телевизија со репортажа од Куба „Cuba si, Cuba no”, а планира да напише и книга за сите патувања по кои стана популарен и со кои 80 пати ја обиколи земјината топка.

Во моментов, со сопругата, новинарката Ана, Милиќ, со синот Марко, портпарол на Хрватската влада, и ќерката Лана Марија, адвокат, Милиќ, син на дипломат, ужива во малото туристичко место Слано покрај Дубровник.

Откако во 2011 година се прости од ХТВ и формално замина во пензија, едно време работеше во Сараево, на телевизијата Ал Џезеира, а последните три години главно снимал по Хрватска и во регионот.

За новата кариера прозборе за хрватска „Глорија“.

Зошто за враќањето на националната ТВ го избравте серијалот за Куба?

– Таа земја отсекогаш ми била предизвик, а ме интересираше и колку се променила за 40 години. Во 70-тите таму бев четири пати, последен пат известував од Самитот на Неврзаните.

Со какви импресии се вративте?

– Куба денес е најслична на Југославија од 1966 година кога атмосферата беше поопуштена. Куба е денес поотворена, полна е со туристи, странците не ги доживуваат како потенцијални шпиони, но и понатаму тешко се живее. Просечната професорска плата е 30 евра, а за едно семејство за нормален живот и е потребно пет пати повеќе. Најдобри соговорници ми беа 80-годишници кои знаат колку денешната Куба се разликуваа од онаа револуционерната. За дваесет дена снимив четири емии кои ќе се емитуваат од 16 септември.

Кои земји сакате уште да ги посетите?

-Либан Иран, Кина…

Како ви поминуваат пензионерските денови?

-Работно. Од 2011 до 2016 работев во Ал-Џезеира а снимив и емисии за животот во Хрватска. Држев предавања и за медиуми а ќе пишувам и книга за моите патувања.

Зашто отидовте од Ал-Џезеира?

-Немав повеќе енергија, во информативната програма секогаш мораш да бидеш подготвен и на мобилен телефон. Како директор на програмата а подоцна и како водител на Дневникот за нив направив 120 емисии.

Која е предноста на пензионерскиот живот?

-Тоа што сум професионално слободен, без шефови. Имав добри шефови во текот на мојата кариера кои ме почитуваа, ама сега можам да работам што сакам и кога сакам. Сега помалку спијам отколку кога работев.

Што гледате на ТВ?

-На ХТВ Дневник и Отворено, и странските канали како Fox Crime, History, Discovery…

Како здравјето ве служи?

-Имам помали проблеми со шеќерот. Лани по 55 години, престанав да пушам. Се трудам и здраво да јадам.