Горан Ѓорѓиевски нов претседател на Агро-бизнис комората во ССК


Горан Ѓорѓиевски е нов претседател на Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).

Ѓорѓиевски доаѓа на местото на Огнен Оровчанец, а беше избран на седница на Собранието на Комората.

По професија машински инженер, Ѓорѓиевски е сопственик на брендот „Специјал“ кој на пазарот има 24-годишна традиција и ангажира повеќе од 200 вработени.

Меѓу приоритетите како претседател на Агро-бизнис комората на кои ќе работи и за кои ќе се залага се: обезбедување сигурен пласман на земјоделски производи по реални цени, окрупнување на земјоделски површини, зголемување на приносите, партнерска соработка и зголемување на конкурентноста на земјоделските производи.

-Земјоделството е една од најважните стопански гранки во нашата држава која има голем потенцијал да придонесе за раст и развој на целокупната економија во пост-пандемискиот период. За да се постигне тоа неопходно е да се променат унапредат условите во кои се работи сега преку иновации, дигитализација, следење на современите трендови. За земјоделците е потребно да се обезбеди и помош и стручни совети за купување земјоделска механизација и друга техничка опрема. За да се постигне максимален процент на искористеност потребна е поедноставување на постапките за ИПАРД апликациите. Неопходно е и даночни олеснувања за нафта, семенски материјал и за земјоделска механизација, како и субвенции по килограм произведен производ, истакна Ѓорѓиевски.

На досегашниот претседател Оровчанец му беше врачена благодарница за исклучителниот ангажман во Комората и личниот придонес што го дал со цел креирање подобро деловно окружување за развој на агро-бизнис секторот.

На седницата беа избрани и нови членови на органите на управување на Агро-бизнис комората, а за потпретседатели се именувани: Ласко Јованов од компанијата „Слога Интернационал“, Илија Јанчев од винарија „Венец“ и Марко Кутревски од „Пекабеско“.