Google Maps добива еден куп нови функции: Ќе му помага вештачка интелигенција


Некои програми на Google веќе ја поддржуваат сè почесто користената технологија на генеративна вештачка интелигенција (Generative AI), а сега е време да се примени на Google Maps.

Корисниците ќе можат со нивната апликација да добиваат подетални резултати од пребарувањето и одговори на потпрашањата што можеби ги имаат за локацијата што ја бараат.

Со оглед на тоа што е најпопуларна апликација за навигација и дека има повеќе од милијарда корисници, веројатно е дека употребата на генеративна вештачка интелигенција само ќе ја зголеми популарноста што веќе ја има Google Maps.

Како ќе изгледаат овие иновации, објасни во блог пост Миријам Даниел, потпретседател на Google Maps.

„Да речеме дека одите во Сан Франциско и имате неколку часа кога сакате да посетите антикварници. Само кажете ѝ на апликацијата „Maps“ и нашите модели со вештачка интелигенција ќе ги анализираат сите продавници заедно со слики, оценки итн., за да ви дадат најдобар предлог“, рече Даниел.

Резултатите ќе бидат категоризирани – тие можат да се подредат според тоа дали се работи за продавница за облека, продавница за плочи или нешто друго, а исто така можете да прегледате фотогалерии кои подобро објаснуваат за што точно се работи.

Можете исто така да поставувате на Google Maps и потпрашања, на пример апликацијата да ви препорача место каде што можете да јадете, но атмосферата да е иста како во продавниците од претходното пребарување. Во овој случај, да речеме, резултатот би бил некој старомоден ресторан или нешто слично.