Голо Брдо – Македонскиот идентитет во срцето на Албанија


Голо Брдо е регион кој со својата природна убавина, културно наследство и историја претставува значајно парче од мозаикот на македонскиот етнички идентитет во Албанија, пишува Фатри Фераху, во написот ” Голо Брдо – Македонскиот идентитет во срцето на Албанија” за весникот “Илинден”.

-Лоцирано југозападно од градот Дебар, оваа област опфаќа 21 село, кои претежно се населени со Македонци. Со векови, жителите на Голо Брдо го негуваат својот јазик, обичаи и традиции, одржувајќи ја живата врска со своите корени и покрај економските, политичките и демографските предизвици со кои се соочуваат, стои во написот.

Во однос на географијата и природа, наведува дека  областа Голо Брдо е планински регион кој плени со својата дивина и недопрена природа. Богатите шуми, чистите реки и живописните предели се карактеристика на оваа област, која е изолирана од поголемите урбани центри. Селата се расфрлани по ридовите и планините, што ја прави областа атрактивна за сите кои бараат автентично и тивко место.

-Македонскиот јазик е суштински дел од културниот идентитет на жителите во Голо Брдо. Се говори дијалект кој припаѓа на западното македонско наречје, задржувајќи ги сите карактеристики на овој говорен систем. Постарите жители сè уште го користат македонскиот јазик како основно средство за комуникација, додека младите двата јазика, со тенденција кон албанскиот поради образовните и општествените околности. Сепак, домаќинствата и понатаму остануваат чувари на македонските песни, приказни и обичаи кои се пренесуваат од генерација на генерација, нагласува Фетаху.

Економски и социјални предизвици

Социјално-економските услови во Голо Брдо се меѓу најтешките во Албанија. Слабата инфраструктура, ограничениот пристап до здравствени и образовни услуги и високата невработеност принудуваат многу жители да мигрираат, главно во Тирана или кон странство. Ова доведува до депопулација на селата и губење на младата работна сила, што е голем предизвик за опстанокот на македонската заедница во регионот.

Македонско друштво „Илинден“ Тирана – чувар на идентитетот

Во напорите за зачувување на македонскиот идентитет во Албанија, значајна улога има Македонското друштво „Илинден“ Тирана. Ова друштво активно работи на промоција и заштита на правата на македонското национално малцинство, како и на зачувување на културата, јазикот и традицијата.

Основано во 2009 година, друштвото „Илинден“-Тирана се залага за признавање на правата на Македонците во Албанија и нивно официјално признавање како малцинство во регионите каде што тие живеат. Преку културни манифестации, публицистичка активност и соработка со институции во Македонија, ова друштво обезбедува платформа за Македонците од Голо Брдо, Гора, Мала Преспа и другите области да ја изразат својата етничка припадност.

Една од најзначајните активности на друштвото е организирање на културни настани, меѓу кои се одбележувањето на Илинденското востание, Денот на независноста на Македонија, како и различни фестивали на македонската култура и уметност. Преку овие настани, друштвото „Илинден“-Тирана успева да ги обедини Македонците од различни делови на Албанија и да им даде чувство на заедништво и припадност.

Фетаху се задржува и на напорите за зачувување на иднината на областа

Голо Брдо е место кое зборува за историјата, борбата и опстојувањето на македонскиот народ во Албанија. Сепак, иднината на овој регион зависи од напорите за решавање на економските предизвици, подобрување на животните услови и обезбедување на образовни можности на македонски јазик. Улогата на организации како Македонското друштво „Илинден“ – Тирана е клучна во овој процес.

Голо Брдо, со своите луѓе, јазик и култура, останува симбол на македонскиот идентитет кој опстојува, и покрај сите предизвици, во срцето на Албанија. Оваа област заслужува внимание, поддршка и напори за зачувување на нејзината уникатна културна и историска вредност.

Фатри Фетаху, е дипломиран економист, од село Требиште, Голо Брдо, еден од најголемите активисти за правата на Македонците во Албанија и координатор на МД “Илинден” за областа Голо Брдо.