Голманот на Јувентус во добра состојба откако почувствува тахикардија


 Италијанскиот фудбалски прволигаш Јувентус соопшти денеска дека голманот Војчех Шчесни се чувствува добро откако почувствува тахикардија за време на синоќешниот натпревар против Спортинг (1-0) во Лига Европа.

Шчесни со насолзени очи беше повлечен од теренот на дуелот во Торино во 42 минута.

Пред да биде заменет полскиот голман во неколку наврати се фати за градите и отежнато дишеше, а неговиот соиграч Глејсон Бремер веднаш го повика лекарскиот тим да влезе на теренот. Лекарите на Јувентус по краток разговор со Шчесни побараа тој да биде заменет.

Резултатите од извршените прегледи се добри, а Шчесни по натпреварот рече дека првпат во животот почувствувал тахикардија, дека е малку уплашен, но се чувствува добро.