Големите компании ќе издржат поголема минимална плата, но микро и малите ќе мора да „пливаат“


Работодавачите се поделени во оцената колку бизнисот може да го издржи зголемувањето на минималната плата, изјави денес Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија. 

„Во различната структура на економијата некои од корпоративно управуваните компании можат да го издржат зголемувањето на минималната плата, или пак, поточно исплаќаат и повеќе од минималната плата. Меѓутоа, сметам дека микро, малите фирми и занаетчиите и самостојните вршители на дејност кои исто така ги опфаќа Законот за работни односи и Законот за минимална плата ќе мора да најдат начин како да пливаат во исполнување на законските обврски поврзани со минималната плата“, изјави Бошков, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на одбележувањето на јубилејот „20 години БКМ во функција на бизнисот”.

Запрашан колку во стопанството се почитуваат и се подобруваат работничките права, во контекст на најавените протести на синдикатите за недела неработен ден, Бошков оцени дека состојбата во фирмите е различна.

„Секако, синдикатите настојуваат да ги обезбедат или да ги подобрат работничките права. Патем, ги подржуваме во нивните настојувања, како и протестот како начин на изразување на своите заложби и својата волја. Што се однесува до работничките права мора да кажам дека во некои корпоративно организирани компании се почитуваат и тоа е за пофалба. Има општествено одгворни компании кои директно вложуваат исклучиво во односот кон вработените. Меѓутоа, во општеството и во економијата има компании кои навистина ги злоупотребуваат работничките права и Законот за работни односи“, рече Бошков.

Осврнувајќи се на јубилејот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Бошков рече дека во изминатите две децении постојано работеле на подигнување на нивните капацитети и на капацитетите на работодавачите и на целокупната економија.

„Сметаме дека тоа е една визија која ја негуваме со години наназад, дека мораме да ја спроведеме низ една системска мисија, а тоа е исклучиво работа, посветеност кон подобрување на економската состојба, подобрување на животниот стандард на луѓето и нормално човековите и работничките права“, истакна Бошков.

Тој посочи дека во текот на изминатите години настојувале да одржат ниво на сериозен партнер.

„Низ сите овие години настојувавме да одржиме едно ниво како сериозен партнер, како моќна организација и нормално како отворени за соработка кон сите кои сакаат да бидат во една коалција за да напредуваме заедно во земјата“, рече Бошков.