Големи поплави во западна Босна – стотици куќи под вода, жителите евакуирани


Фото: Klix

Неколку стотини објекти се поплавени, а загрозеното население е евакуирано во западниот дел на Босна поради излевање на неколку реки, додека состојбата од ден на ден се влошува поради обилните дождови кои продолжуваат да паѓаат.

Најлоша е состојбата на Бихаќ и Босанска Крупа, каде покрај зградите поплавени се и неколку патишта, па граѓаните се отсечени. Водите се излеаја во поголемиот дел на Босанска Крупа, како и во нејзиниот центар, каде беа поплавени бројни семејни куќи и објекти. Состојбата дополнително ја влошуваат подземните води. Сите граѓани во критичните подрачја се евакуирани, известија од тамошниот кризен штаб.

Фото: Klix

Патиштата се затворени за сообраќај, а спасувачките чамци се во подготвеност во сите критични области.

Спасувачките служби повеќе не можат да му помогнат на населението

На подрачјето на Бихаќ поплавени се 300 згради, изјави за „Дневни аваз“ градоначалникот на тој град Елведин Седиќ. Посочи дека Уна е излеана, а најавата за нови врнежи создава дополнителни грижи. На неколку места се градат насипи.

Фото: Klix

Во населбата Буковље во Велика Кладуша поради вода се отсечени неколку куќи. Поради големите врнежи, локалните спасувачки служби не можат да му помогнат на загрозеното население.

Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина денеска има итна седница, а се очекува да се донесат одлуки за давање помош за поплавите на населението на Босанска Краина.