Големи поплави ја опустошија Индија: Водата стигна до Таџ Махал


Големите поплави кои ја погодија северна Индија стигнаа до ѕидините на легендарниот Таџ Махал, што ретко се случува.

Експертите предупредуваат дека тоа би можело да стане редовна појава, бидејќи климатската криза носи сè поекстремни временски услови.

Водата од реката Јамуна стигна до ѕидовите на споменикот и најголемата туристичка атракција во Индија во вторникот, покажаа видеа и фотографии на социјалните мрежи.

Градината зад Таџ Махал е исто така под вода, но Археолошкиот институт на Индија, кој е задолжен за споменикот, рече дека Таџ Махал не е загрозен од сегашните поплави, објави Cи-ен-ен Њус, вчера.

Експертите велат дека ретко се случува поплавите да стигнат до надворешните ѕидови на комплексот, кој бил изграден во 17 век во близина на градот Агра во северната држава Утар Прадеш од страна на императорор од Могал во чест на неговата сопруга која рано починала.

Таџ Махал секоја година го посетуваат милиони туристи. Поплавите се редовна појава во овој дел на Индија за време на сезоната на монсуните од јуни до септември, но експертите велат дека климатските промени ја зголемуваат нивната фреквенција и сериозност. Реката Јамуна, притока на реката Ганг, го достигна своето највисоко ниво во историјата, соопштија властите минатата недела.

Десетици луѓе загинаа во големите поплави, а илјадници беа евакуирани. Индија е една од најпогодените земји од климатската криза, според Меѓувладиниот панел за климатски промени.

Неколку делови од северна Индија, вклучително и Агра, и понатаму се изложени на висок ризик од поплави во наредните недели поради континуираните обилни врнежи, соопштија властите.