Големи еколошки проекти во Кавадарци спроведуваат општината и министерството


Министерката за животна средина Каја Шукова денеска беше во работна посета на Кавадарци. Во општинската зграда таа оствари средба со пратеничката Даниела Колева и градоначалникот Митко Јанчев, а подоцна со градоначалникот беше на терен во увид на работите на проектот за кој Општината аплицирала и добила финансиски средства од Министерството.

– Се работи за завршување на колекторот во село Ваташа и ќе продолжи до споменикот на 12 младинци. Многу битен проект затоа што речното корито на Луда Мара е комплетно средено. Овој дел е излетнички и туристички и битно е да се заштити екологијата. Овде има околу 400 викендички. Сите неприклучени, ќе се приклучат кон фекалниот колектор, појасни градоначалникот.

Тој додаде дека инвестицијата е осум милиони денари, од кои по четири од Општината и Министерството. Со заемот и подзаемот, Општината добила и грант од еден милион евра. Градоначалникот соопшти дека имаат аплицирано и со втор проект, од 500 илјади евра, за продолжување на овој крак до месноста Моклиште и Моклишко Езеро, фекален колектор, канализациона мрежа од двете страни на реката и водоснабдителен систем за викендичките во оваа пригратска атрактивна локација. Јанчев се заблагодари на министерката за нејзиното разбирање за овие важни еколошки проекти.

– Мислам дека е ова добар пример за соработка помеѓу локална самоуправа и министерството, во интерес на сите, рече Јанчев.

Тој сподели дека на средбата се разговарало и околу прочистителна станица, со изнаоѓање на заеднички средства.

Министерката Шукова исто така изрази задоволство и од проектот и од соработката.

– Соработка меѓу централната и локалната власт мора да има континуирано. Централната креира политики, локалната треба да ја спроведува политиката. Задоволство е кога ќе се види дека има општина што континуирано работи и на подготовка на документација за да може да аплицира во Министерството и за да може да спроведува проекти. Си општината Кавадарци имаме одлична соработка. Општината очигледно дека е спремна за сите програми што ги има Министерството каде може да аплицира за финансии, подвлече Шукова.

Таа додаде дека општината очигледно е спремна и за новиот заем што државата го зема, за да им помогне на општините во делот на управување со води, водовод и канализација.

– Мора да има соработка. Општините мора да бидат активни. Знаат дека надлежноста е нивна во делот на водоснабдување, собирање и третман на отпадни води. Нареден чекор е да се размислува и за пречистителна станица. Тоа е поголема инвестиција, ќе видиме во годините што доаѓаат, дали ќе има можности да се финансира, како поголем капитален проект. Но кога има спремност кај општината и кога се размислува во таа насока, тоа е добро. Бидејќи отпадните води се собираат, ама пред да се испуштат, треба и да се третираат, нагласи министерката.