Големата сцена на Битолскиот театар именувана во „Благој Стефановски – Баге“


БИТОЛА – „Благој  Стефановски – Баге“ – вака од денеска е именувана големата сцена на Народниот театар во Битола. Ова беше соопштено на комеморативната седница посветена на животот и делото на Стефановски кој почина на 3 декември, на 67-годишна возраст.

„Благодарам, се извинувам што не ти кажав благодарам тогаш кога требало. Ама тоа е во човековата природа. Ти благодарам за многу работи поврзани со мојата театарска кариера. Ми претставува огромна чест да ви соопштам дека оваа сцена на која што денеска стоиме, позната како Големата сцена на НТБ од денес ќе го носи името ‘Благој Стефановски – Баге’, во чест за сето она што го направи за нашиот Народен театар, за оваа сцена и за неговата неисцрпна борба во сите години наназад“, рече Илина Чоревска, уметнички директор на НТБ, по што присутните со громогласен аплауз му оддадоа почит на Багето.

Баге знаеше да создава театар, напиша актуелниот директор на НТБ – Битола, Иван Јерчиќ, кој од здравствени причини не беше на комеморацијата.

„Веста за смртта на Баге нѐ пречека неподготвени, не дека живееме во толкава илузија дека тоа е чин пред кој ќе се исправиме без никаков страв и ќе бидеме подготвени, туку затоа што денес театарот се соочува со сериозна отсутност. А за решенијата и излез од оваа ситуација тој ни беше повеќе од потребен. Ми јавија на проба, во време кога, за жал, е подвиг да се проба, да се прават претстави, а тоа е нешто што тој знаеше да го прави како никој друг – да создава театар“, напиша Јериќ.

Актерот од Народниот театар во Битола, Петар Горко, на комеморацијата  прочита писма за сочувство и сеќавања од значајни личности и институции, од организациите на театрите низ државата, политичари, актери, режисери, театарски работници, соработници на Стефановски.

Во прошталното обраќање на режисерот Слободан Унковски беше речено дека овде никогаш не сме умееле луѓето кои се особени, успешни, што ни вредат, да ги истакнеме, да ги наградиме да ги презентираме како модел за следните генерации.

„Повеќе би сакале ако можеме да ги сотреме, да ја поништиме нивната трага, да ги компромитираме, политички да ги изолираме и евентуално да ги осудиме. Покрај тагата имам една горчина затоа што беше принуден многу работи да направи наспроти инерцијата на малата средина и градската управа, наспроти скепсата на метрополата, наспроти анемичноста на владите во однос на културата, наспроти често недоволната поддршка на Министерството за култура, наспроти сѐ“, напиша Унковски за Баге.

Стефановски 24 години беше директор на Народниот театар во Битола, време кога оваа театарска куќа доживува славни години. (А.Б.)