Големата сала во Драмски ќе го носи името „Ристо Стефановски“


Светскиот ден на театарот 27 март во НУ Драмски театар Скопје ќе се одбележи со промоција на монографијата „Ристо Стефановски“во 18.00 часот.

Промотор на монографското издание ќе биде Искра Гешовска теоретичарка на книжевност и уметност. Актерите Александар Степанулески, Предраг Павловски, Маја Вељковиќ-Пановска и Јована Спасиќ пред посетителите ќе прочитаат делови од книгата. 

Во чест на Ристо Стефановски и неговата посветеност во развојот на театарот големата сала во Драмски театар Скопје ќе го носи името сала „Ристо Стефановски“.

Одбележувајќи го Светскиот ден на театарот претставите „Мојот маж“ во режија на Нела Витошевиќ на 27 март и „Пикник на фронтот“ во режија на Андреј Цветановски на 4 април за публиката ќе бидат со слободен влез со претходна најава на билетарницата на Драмски театар.

Ристо Стефановски, легендарниот театролог, долгогодишен театарски работник и театарски историчар кој од основањето 26 години беше директор на Драмски театар, почина во 2022 на 94 години, а беше директор на Драмски од основањето во 1957 до 1983.

Роден во Скопје, Стефановски студирал глума на Театарската академија во Белград, а од 1951 до 1960 бил актер во скопскиот Народниот театар. Од пролетта 1957 раководел со Куклениот театар во Скопје кој подоцна се трансформирал во денешниот Драмски театар. Го обмислува, реализира и уредува театарското списание „Театарски гласник“ од 1977. Во меѓувреме, дипломирал на Факултетот за драмска уметност во Белград, отсек организација. Под негово раководство, Драмски театар Скопје го остварува најголемиот подем потвреден од најпрестижните театарски фестивалски награди и сојузни признанија. Од 1983 година беше генерален директор на Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје. Автор е на 12 тома од книгите „Театарот во Македонија“, и меѓудругите на „Летопис на македонската драма и театар“,„Монографија – 30 години Драмски театар“, „Мојот театар – Театарски вистини, записи, сведоштва, сеќавања“ и други.

 
Меѓу бројните награди се највисоките државни „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, Стериина награда за животно дело на Фестивалот Стериино позорје, Нови Сад, Награда на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ за животно дело, Ордените за труд со бронзен, сребрен венец и златен венец, „13 Ноември“, Одликување на Француската влада „Академска палма“ и други.