Голема промена во Ирак: Моќниот Моктада ал Садр се повлече од политиката

Шиитскиот свештеник, некогаш близок со Иран, може во еден миг да мобилизира стотици илјади свои следбеници


 

Една од најмоќните фигури во Ирак, која беше во центарот на долгата криза околу формирањето влада, рече дека се повлекува од политичкиот живот.

Моктада ал Садр, шиитски свештеник со милиони следбеници, ја објави својата одлука на Твитер.

Стотици негови приврзаници со недели се кампуваат пред парламентот, откако двапати упаднаа во него во знак на протест поради политичкиот ќор-сокак.

Неговите сили беа истакнати во борбата против американските трупи по инвазијата во 2003 година.

Најавата на Садр доаѓа два дена откако тој ги повика сите партии и личности вклучени во политичкиот живот по инвазијата на Ирак предводена од САД да се повлечат.

Неговиот политички сојуз освои најмногу места на општите избори во октомври минатата година, но неговите пратеници подоцна поднесоа оставки во услови на ќор-сокак со ривалскиот шиитски блок околу назначувањето на нов премиер.

Садр во изјавата рече: „Одлучив да не се мешам во политичките работи, но сега го објавувам моето конечно пензионирање и затворање на сите [садристички] институции“. Некои верски места поврзани со неговото движење ќе останат отворени.

Садр (48) е доминантна фигура во ирачкиот јавен и политички живот во последните две децении. Неговата армија Мехди се појави како една од најмоќните милиции кои се бореле против американските и сојузничките ирачки владини сили по инвазијата предводена од САД, која го собори поранешниот владетел Садам Хусеин.

Подоцна ја ребрендираше во Мировни бригади, и таа останува една од најголемите милиции кои сега се дел од ирачките вооружени сили.

Иако Армијата Мехди имаше врски со Иран, Садр се дистанцираше силниот шиитски сосед и се репозиционираше себеси како националист кој сака да му стави крај на влијанието на САД и Иран врз домашната политика.

Ривалскиот шиитски политички блок, Координативната рамка, со кој блокот на Садр беше во спор, главно ги вклучува партиите поддржани од Иран.

Тој е една од ретките личности што може брзо да мобилизира стотици илјади поддржувачи на улиците и повторно да ги повлече.