Голема неизвесност на изборите во Турција, веројатно ќе има втор круг

Претседателот Ердоган падна под 50 отсто во избројаните гласови. Киличадроглу ја намали разликата, но ништо не е сосема јасно додека трае броењето


 

Како што е се предвидуваше, претседателските избори во Турција влегоа во голема неизвесност додека се пребројуваат гласовите од неверојатно конкурентата трка меѓу актуелниот шеф на државата Реџеп Таип Ердоган и главниот ривал, Кемал Киличдароглу, зад кого застанаа шест партии на опозицијата.

Според последните објави на турските медиуми гласовите за Ердоган паднаа под 50 отсто, а разликата меѓу него и Киличдароглу постојано се намалува. Последните резултати со избројани 96 отсто од гласовите Ердоган има поддршка од 49,16 отсто, а Киличдароглу 45,2 отсто. Тоа значи дека Турците ќе одат на втор круг на гласањето на 28 мај. Разликата меѓу Ердоган и Киличдароглу едно време беше три милиони гласови, а потоа падна на два милиони.

Објавувањето на резултатите го следат многу контроверзии. Државаната агенција Анадолија, веќе објави резултати од 90 отсто од преброените гласови. Провладините медиуми веќе објавуваат дека претседателот е на околу 49 отсто. На минатите избори во 2018 година Ердоган победи уште во првиот круг освојувајќи 52,5 отсто од гласовите.

Двајца од највисоките турски опозициски политичари, градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу и градоначалникот на Анкара, Мансур Јаваш, се пожалија поради начинот на кој државната новинска агенција Анадолија известува за резултатите од изборите во Турција во неделата вечерта, велејќи дека дава искривени високи бројки за претседателот Ердоган.

Имамоглу рече дека набљудувачите на АКП партијата, исто така, го оспоруваат пребројувањето на гласовите на избирачките места каде опозицијата е традиционално силна, а опозициските активисти ги повикаа своите членови да се упатат кон училиштата каде што се гласаше за да престане заплашувањето на нивните набљудувачи.

каде во Турција води Ердоган (во жолто) а кде Киличдароглу (во црвено)

Јунус Башаран, кандидат на Работничката партија на Турција од јужниот крајбрежен град Анталија, рече дека некои гласачки кутии биле пребројувани седум пати. Новинарката Невшин Менгу на Твитер објави дека има информации оти во населбата Чанкаја во Анкара – традиционален бастион на опозицијата – една гласачка кутија била броена 11 пати. Алпер Ташделен, градоначалник на Чанкаја, рече дека речиси сите гласачки кутии таму се оспорени.

Околу полноќ по турско време претседателот на Врховниот изборен совет, Ахмет Јенер, преку соопштение објави дека дотогаш во земјата биле отворени 69,12 отсто од избирачките кутии, дека трае пребројувањето на гласовите од нив, но не кажа каков е резултатот од тоа пребројување.

Излезноста на изборите е неверојатно висока, 88 отсто.