Голема градежна офанзива во Битола, избори се ближат


Улиците и во самото срце на градот добиваат нов асфалт, како оваа пред хотелот „Епинал“

Многу улици добиваат нов асфалт, некои целосна подземна инфраструктура и канализација. Се асфалтираат патишта во селата близу Битола. Некои од граѓаните негодуваат што тоа се случува предизборно, други ја поздравуваат оваа работа на општината

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – На шест месеци пред локалните избори Битола наликува на едно големо градилиште. Се реконструираат улици, се обновува Зелениот градски пазар, се поставуваат подземни контејнери, се раззеленува и разубавува со цветни леи, се уредуваат школски игралишта. Некои граѓаните се задоволни, други негодуваат што оваа градежна офанзива се случува кратко пред новите локални избори.

Многу улици во Битола деновиве се раскопани, некои добија нов асфалт, некои чекаат комплетна подземна инфраструктура, а некаде се редат бекатон плочки. После долг период се реконструираат улиците „Тошо Даскало“ и „Рузвелтова“, комплетно се завршени се „Смилевски Конгрес“, Младински бригади“ и др. Во моментов се работи на улицата „Довлеџик“ една од најфреквентните улици на излезот од Битола кон Ресен и Охрид, каде жителите со години имаа проблем со фекалната канализација. Но, има и улици кои се почнати со реконструкција од пред две години и не се завршени, како улица „Илинденска“ која сѐ уште не е направена во одредени делови.

Граѓаните реагираат што толку долго трае реконструкцијата, но од општината велат дека улицата е долга 2.131 метри и дел од делниците се веќе комплетно завршени.

Битолчани во ваквата забрзана активност на реконструкции на улиците од страна на општината препознаваат предизборна кампања.

„Завршете прво една улица, после започнете друга, цел град парче го направивте пред избори. Месеци раскопано, ама супер за на бина предизборни фалење за квантитет ќе има. Па ќе има и ленти пред избори за сечење“, реагираат некои битолчани, додека други сметаа дека  направеното секогаш останува.

„Нека работат, барем ќе сработат и ќе остане нешто за граѓаните, убаво е што се прави, па макар имало и избори“, велат тие.  

После долго време нов асфалт доби и улицата ул. „Димитар Илиевски – Мурато“ во строгиот центар на Битола која во еден дел го сече Широк Сокак.

„Со ново улично осветлување улицата ќе добие целосно нов лик“, рече градоначалничката Наташа Петровска, додавајќи дека паралелно се врши комплетно хортикултурно уредување на тревната површина и поставување клупи.

Но како што се редат објавите на општината за реконструкциите на дел од улиците така битолчани пишуваат на веб страната на општината дека многу од нив и во 21. век газат во кал до коленаа, дека немаат канализација, особено на периферните населби.

„’Караорман 105’ од пред 200 години е со коцки и со стара канализација“, вели битолчанец на што друг битолчанец реагира дека на битолскиот Баир има улици каде со чамец не може да се излезе после поројни дождови.

По долги години се реконструира и улицата „Тошо Даскало“
Трева и цвеќиња во центарот на Битола
Пазарот во Битола ќе довие сосем нов изглед

Од општина Битола информираат дека се работи на обнова на улиците и во периферните населби каде жителите газеле во кал повеќе од 60 години.

„Живеам овде 60 години. Конечно дочекав да имам нормална вода и канализација, а најважно е што влегуваме дома без кал и прашини“, вели жител на еден од краците на ул. „Прогрес“, каде што заврши поставувањето на бекатон плочки на улицата, откако претходно беше променета водоводната и канализационата мрежа.

Обнова на локалните патишта во моментов се врши и во неколку битолски села.

Регионалнот пат Кажани – Ротино доби нов асфалт во должина од 3.400 метри, со ширина од 6 метри, а исто така на потегот од месноста Бела чешма – Цапари, се изврши делумна санација на коловозот со нов асфалт во должина од 700 метри.

Потегот се санираше од страна на екипите на „Македонија пат“, по претходна иницијатива на локалната самоуправа за санација и реконструкција на патиштата во овој дел од потпелистерието.

Минатата градежна сезона беше асфалтиран регионалниот пат Битола – Кажани, а во должина од 4 километри и патот Кажани – Маловишта, единственото населено место во Националниот парк „Пелистер“.

После децении кал и камења конечно се започна со изградба и на локалниот пат кој води до селото Барешани и манастирот „Св. Меркуриј“.

Од општина Битола велат дека ќе се асфалтира патот во должина од 1.265 метри. Вкупната вредност на инвестицијата од страна на општината изнесува близу 5 милиони денари.

Предвидено е реализацијата на проектот да заврши најдоцна до почетокот на јуни.

„Уште пред три години ни беше ветен патот еве сега се гради и се исполни ветувањето, многу ни значи како жители на ова село, особено за манастирот каде има конаци и каде постојано доаѓаат гости, верници“, велат од  црковниот одбор на Барешани. 

И Зелениот градски пазар во Битола добива нови реконструирани павилјони. Старите тезги и изврзаните најлони што го нагрдуваат амбиентот веќе се минато, вели градоначалничката Петровска и не крие дека пазарот и бил ветување пред да ја добие власта во 2016 година.

„Во мојата предизборна кампања како градоначалник беше и реконструкцијата на овој дел од пазарот покрај управната зграда, бидејќи знаеме во каква состојба беше, со недолични најлони за град како што е Битола, кои веќе се отстранети. Ме радува што денес гледаме поинаква слика токму каква што треба да има нашиот град“, рече Петровска.

За обнова на павилјоните ЈП „Пазари“ аплицираше до АФПЗРР. Вкупната финансиска конструкција е над 14 милиони денари, за кој 8,5 милиони денари се директно од буџетот на општината.

„Во комуникација со изведувачот се надеваме на почетокот на јуни да бидат пуштени новите павилјони. Пазарот ќе стани една целина, комплетно ќе биде осветлен, спроведени одвод и водовод, модерни тезги. Такви мислам дека нема низ другите пазари во Македонија, ќе изгледаат како дуќани, а по работното време се спуштаат само ролетни. Тука се продаваше јужно овошје, нема веќе да бидат на улица, туку сите продавачи ќе бидат во пазарот“, рече Владе Атанасовски, директор на „Пазари“.

Битола за прв пат добива и подземни контејнери на улица „Васко Карангелевски“. Сегашните контејнери се поставени на пешачката патека, па од расфрлано ѓубре и смрдеа, тешко се поминува.

Градот добива нов лик и со новите зелени и цветни површини. Нема место кое не е уредено со цветни леи во централното градско подрачје. Дури и старите нефункционални фонтани дoбија цветни аранжмани.