Голема афера во Хрватска: Државните службеници што треба да ги надгледуваат вредносните трансакции, незаконски тргувале


Голема финансиска афера ја тресе Хрватска, откако истражувачките новинари открија дека дури 89 вработени во Хрватската агенција за надзор на финансиските услуги – Ханфа, тргувале со хартии од вредност спротивно на Законот за пазар на капиталот.

Имено, ова е огромна афера на државниот регулатор кој е задолжен за хартиите од вредност и финансикиот пазар и одредува дали имало недозволена трговија со хартии од вредност, судир на интереси, тргување со повластени информации или општо кршење на Законот за пазар на капиталот.

Не пријавувале за да не бидат испрашувани за судир на интереси

Според Законот, јасно е дефинирано дека вработените во Ханфа мора да пријават тргување со хартии од вредност и никако не смеат да тргуваат со хартии од вредност на фирмите кои ги надгледуваат и фирми поврзани со нив за да се исклучи казнен прогон за судир на интереси и тргување со повластени информации, појаснува Индекс.

Откако вработениот ќе ја пријави трансакцијата, Управниот одбор на Ханфа мора за секоја поединечна трансакција да утврди дали се работи за судир на интереси.

Колку судири нa интереси имало, новинарите не успеале да дознаат затоа што вработените во Ханфа ја пријавувале само секоја втора трансакција. За вакво делување следува отказ, но тоа не ги спречило вработените да тргуваат на овој начин.

Дополнително, непријавените трансакции на вработени во Ханфа стануваат интерес на Државното обвинителство затоа што се работи за државен регулатор и надзорно тело за хартии од вредност.

Дури 83 вработени во Ханфа не пријавиле 711 трансакции

Новинарите откриле дека вработените пријавиле 953 трансаквии со хартии од вредност, но не пријавиле најмалку 711 трансакции. Недозволено тргувале 89 вработени, а од нив 53 и понатаму се вработени во државната агенција.

Според последните податоци, во Ханфа вработени се малку помалку од 180 луѓе, па испаѓа дека речиси секој трет вработен недозволено тргувал и го прекршил Законот. Од оние кои го кршеле законот, седум се на одговорни, високи позиции vо Ханфа, додека петмина тргувале со хартии од вредност на субјект кој е под надзор на Ханфа, што никако не смееле.

Во Ханфа велат дека немале доволно ресурси за проверка на своите вработени. Имено, само четворица вработени во Ханфа ги пријавиле точно своите трансакции.

Од Ханфа не одговориле дали ќе покренат постапка против 89 поранешни и сегашни вработени и дали некој за ова ќе сноси одговорност.

Новинарите нагласуваат дека резултатите на нивното истражување е во спротивност со изјавите на шефот на Ханфа Анте Жигман, кој нагласувал дека за вработените во Ханфа регулаторната скала е подигната на највисоко ниво во Хрватска и дека е невозможно во Ханфа да се открие слична состојба како во Хрватската народна банка, каде 58 вработени тргувале со хартии од вредност на банките врз кои имаат надзор.

Но, се чини, додаваат новинарите, во Ханфа состојбата е уште полоша, затоа што Ханфа ги има апсолутно сите алатки за проверка, не само на сопствените вработени туку и на кој и да е учесник на пазарот на хартии од вредност.