Голем успех за македонскиот филм – „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски на „Санденс“
Голем успех за македонскиот филм – дебитантскиот долгометражен филм „Диџеј Ахмет“ ќе ја има својата премиера на фестивалот на независниот филм „Санденс“ кон крајот на јануари в година. Филмот ќе биде прикажан како дел од главната меѓународна натпреварувачка категорија – World Dramatic Cinema, каде и ќе го започне својот живот.
– Сакам длабоко да им се заблагодарам на стотината луѓе што веруваа во овој филм, кои издржаа во најтешките моменти и дадоа сѐ за успееме да стигнеме до тука, вели режисерот Унковски, кој завршил фотографија на Институтот за технологија во Рочестер, САД, а потоа магистрирал режија на Универзитетот „ФАМУ“ во Прага, Чешка, во класата на нашиот Иво Трајков.
Санденс е најголем фестивал на независен филм во САД, кој се одржува секој јануари во Парк Сити; Солт Лејк Сити; и во Одморалиштето Санденс (ски-центар во близина на Прово), на кој се прикажуваат нови дела од американски и меѓународни независни филмски уметници. Еден од оснивачите е актерската легенда Роберт Редфорд.
„Диџеј Ахмет“, на турски и македонски јазик, е драма со примеси на комедија за Ахмет, 15-годишно момче од забито јуручко село во Источна Македонија, кое наоѓа прибежиште во музиката и сонува да стане диџеј додека се справува со очекувањата на татко му, конзервативната заедница и неговото прво искуство со љубовта – девојка која веќе му е ветена на некој друг. Се снимаше лани во октомври и ноември во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш и во Скопје.
„Љубовта на прв поглед е она што му се случува на Ахмет кога Аја се појавува во неговиот живот. Токму тоа ни се случи кога за првпат го откривме Ахмет, неговиот брат Наим и колоритната екипа на филмот на Георги. И неверојатно трогателен и смешен, на чело со првокласната камера на Наум Доксевски (‘Домаќинство за почетници’), овој скапоцен камен од филм ќе и даде на публиката уникатна можност да го открие богатиот културен и визуелен пејзаж на Македонија“, изјави дистрибутерот „Филмс бутик“ кој ги има правата за меѓународна продажба на филмот.
Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.
Филмот беше поддржан со 23.5 милиони денари (околу 380.000 евра) на конкурсот на Агенцијата за филм за 2020 година во втор рок на одлучување, а доби поддршка од 160 илјади евра на паневропскиот филмски фонд Еуримаж.