Голем протест во Белград за поддршка на Русија, со факели и димни бомби
Вечерва во Белград се одржа протест за поддршка на Русија во агресијата на Украина и санкциите против неа што ги воведе Западот. На учесниците на протестот, кој започна во 19 часот пред споменикот на рускиот цар Николај во центарот на Белград, има се обратија неколку говорници, а потоа заминаа пред зградата Претседателството, каде млади луѓе со качулки и шалови запалија факели и фрлаа димни бомби.
Во тој момент голем број луѓе се собраа пред Претседателството во знак на протест поради гласањето на Србија за исфрлање на Русија од Советот за човекови права на Обединетите нации.
Насобраните го поставија руското знаме на металните шипки од прозорците на зградата на Претседателството, а извикуваа навредливи пароли против претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
На почетокот беше интонирана химната на Русија која граѓаните ја поздравија со овации, а потоа и химната на Србија.
Обраќајќи им се на присутните еден од организаторите на протестот Дамјан Кнежевиќ рече дека целта на собирот е „да се изврши притисок врз власта да не отстапува од елементарните српски интереси“. Тој рече дека владата не смее да воведува санкции кон Русија и дека тоа е „линијата што не треба да се премине“.
Новинарот Миодраг Жарковиќ, кој беше најавен како воен известувач, рече дека по гласањето на Србија во ОН „Србите се незадоволни“ и дека е „во интерес на Србија“ е да победат Русите.
Откако се собраа пред Претседателството, неколку илјади демонстранти маршираа до руската амбасада носејќи големо руско знаме, а улиците низ кои минуваа беа затворени за сообраќај.
Демонстрантите потоа поминаа покрај Владата, амбасадите на Италија и Бугарија, извикувајќи слогани против НАТО и ЕУ, а потоа покрај амбасадата на Белорусија, каде што извикуваа пароли на поддршка кон претседателот на земјата, Александар Лукашенко.
Собирот заврши пред руската амбасада, каде демонстрантите ги повторија своите пораки за поддршка за земјата.
Неколку учесници на протестот носеа маици со латинската буква „З“, кои ги означуваа руските единици кои учествуваат во нападот на Украина, носеа слики од рускиот претседател Владимир Путин.