Голем пожар во Шпанија, стотици евакуирани


Шумски пожар во западниот шпански регион Екстремадура опустоши околу 1.500 хектари земја и принуди 550 луѓе да ги напуштат своите домови, а ветровитото време ги отежнува напорите да се стави пожарот под контрола, соопштија службите за итни случаи.

„Многу силните налети на ветерот ги отежнуваат напорите за гаснење на пожарот“, изјави командантот на воената единица за итни случаи Дејвид Барона за државната телевизија 24H.

„Облакот од чад се шири на мала надморска височина, што го отежнува воздушниот пристап до областа“, додаде тој.

Околу 250 пожарникари го гаснат пожарот во Пинофранкеадо во провинцијата Касерес во близина на границата со Португалија.

Властите наредија евакуација на дури 550 луѓе во селата Кадалсо, Дескаргамарија и Робледило де Гата.

„Многу голем удар за вегетацијата“
Според надлежните, пожарот го предизвикале природни причини.

„Тоа е многу голем удар за вегетацијата и просторот“, изјави за новинарите шефот на службите за итни случаи на Екстремадура, Ниевес Вилар.

Невообичаено сувата зима во делови од јужна Европа, која доаѓа по три години потпросечни врнежи во Шпанија, го зголеми ризикот од шумски пожари.

Така, 493 пожари уништија рекордни 307.000 хектари во Шпанија минатата година, според Европскиот информативен систем за шумски пожари.