Голем пад на профитот на „Маѓар Телеком“

Профитот на „Маѓар Телеком“ пред оданочување во првите шест месеци од годинава е намален на годишно ниво за 33 отсто на 49,2 милиони евра, додека оданочената заработка бележи пад од 42,3 проценти на 30,8 милиони евра, покажуваат податоците од извештајот за работењето на компанијата објавен доцна синоќа.

Вкупните приходи на групацијата во периодот јануари-јуни годинава се намалени за еден отсто на 915,5 милиони евра. Приходот од мобилните оператори пораснал за 2,6 проценти на годишно ниво на 503,5 милиони евра, а од фиксната телефонија за 0,6 отсто на 303,7 милиони евра. Во исто време, приходите во ИТ секторот се намалени за 18,2 проценти на 104,1 милиони евра.

Во вториот квартал на 2020 година „Маѓар Телеком“ забележал вкупно намалување на приходите за 2,2 отсто на 454,6 милиони евра споредено со истото ланско тримесечје.

Компанијата информира дека намалените приходи во ИТ секторот на унгарскиот пазар биле компензирани со растот на приходите од телекомуникациските услуги во Унгарија и во Северна Македонија.

Според извршниот директор на „Маѓар Телеком“, Тибор Рекаши ваквите деловни резултати се должат на предизвиците со кои се соочи компанијата во вториот квартал од годинава како последица на пандемијата на Ковид-19.

Рекаши најави дека компанијата решила забрзано да работи на развој на мрежата за зајакнување на широкопојасниот интернет, потенцирајќи дека инвестициите во 2020 година ќе бидат повисоки од претходно најавените.