Голем пад на бројките новозаразени и починати со Ковид-19 во БиХ
Во Босна и Херцеговина забележани се помалку од 400 нови случаи со корона вирус, а бројот на починати е двојно помал од претходните денови, па во таа земја решија повторно да ги отворат скијалишата.
По тестирање на 3.300 примероци, заразата е потврдена кај 362 луѓе, а починаа 39 пациенти. Во претходните два дена новозаразени имаше повеќе од 1.200, а бројот на починати беше над 80.
Третиот бран полека слабее
Бројчаните покажатели сугерираат дека третиот бран на пандемијата во БиХ полека спласнува. но здравствените власти предупредуваат дека ситуацијата е сериозна и дека треба да се продолжи со придржувањето кон мерките. Затоа во Федерацијата и понатаму на сила е полициски час кој трае од самрак до 5 часот наутро.
Во Република Српска такво ограничување нема, а од денеска, со проценка како се подобрува состојбата, властите одлучија да ги отворат театрите и да допуштат работа на скијалиштата кои се затворени пвеќе од месец.
На Јахорина има повеќе од метар снег, а на Бјелашница каде скијачкиот центар не престана со работа, има 1,5 метар снег, па сезоната е продолжена до мај.
Работата на угостителските објекти е допуштена во поголем дел од земјата, но со придржување кон мерките на дистанца.