Голем интерес за влезниците за ОИ во Париз


 Втората фаза од продажбата на влезници за Олимписките игри 2024 во Париз предизвика голем интерес меѓу љубителите на спортот во Франција и ширум светот, соопштија организаторите, посочувајќи дека на лотаријата се пријавиле повеќе од четири милиони луѓе, а само во првите два дена биле продадени повеќе од еден милион билети.

Втората фаза, во која во продажба беа пуштени поединечни влезници, почна на 11 мај, а за првите 48 часа биле распродадени билетите за повеќе од половината од 32 олимписки дисциплини. Тоа ги вклучува скејтбординг, спортско качување, 3×3 баскет и брејкденс, сите велосипедски и коњички спортови, дисциплините во вода, сите натпреварувања во мечување, триатлон, модерен петтобој, стрелаштво, брзо одење и гимнастика.

Вкупно 1.5 милиони поединечни влезници беа пуштени во продажба во втората фаза преку официјалната платформа за продажба на влезници за Париз 2024. Околу 300.000 билети имаа најниска цена од 24 евра.

Меѓу влезниците кои можеа да се купат во оваа фаза беа и билетите за свеченото отворање и затворање, како и за финалните натпреварувања.