Голем интерес за вакцинација со ДиТеПер во Здравствен дом Куманово


Над 60 деца денеска се вакцинирани со ДиТеПер вакцина во вакциналниот пункт на здравствен дом Куманово, соопштија лекарите. Поголем дел од нив се деца на предучилишна возраст кои примаат ревакцина.

Моментално имаме многу метеж за вакцинација за пертусис кај нас во Куманово. Се зголеми бројот, ги повикуваме, но и родителите сами доаѓаат бидејќи во градинка им бараат. Поголем дел од децата нецелосно се вакцинирани и сега доаѓаат за ревакцинација или за третата доза на вакцината, изјави докторка Ќефајете Бајрами Демири од Здравствен дом Куманово.

Таа појаснува дека вакцината се прима на вториот месец на раѓање и оти потоа следуваат ревакцини.

– Работиме во две смени од 07 до 19 часот, изјави докторката.

Претходно од кумановската градинка кажаа дека ја добиле одлуката од Министерството за здравство дека се забранува прием и пристап на невакцинираните и некомплетно вакцинираните деца со ДиТеПер вакцина. Во Куманово според последните податоци на институтот за јавно здравје има пет заболени лица од пертусис. Ниту едно од евидентираните деца заболени од пертусис не посетуваат градинка.