Голем интерес за мемоарите на Камала Харис на македонски јазик, еве зошто


Камала Харис го скрши на парчиња „стаклениот плафон“ на американската политичка сцена со тоа што стана прва жена потпретседател на Соединетите Американски Држави, воедно и прва Афроамериканка и личност со потекло од јужна Азија на таа висока функција.

Три години откако нејзината книга „Вистините во кои веруваме“, воедно  и бестселер на „Њујорк тајмс“, беше објавена и на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, мемоарите на Харис повторно се актуелни, како кандидат за претседателска номинација на Демократската партија.

Станува збор за мемоари во кои таа говори за предизвиците со кои се соочувала како дете на имигранти, но и на патот до силен играч на политичката сцена.

Харис е ќерка на имигранти и на борци за човекови права, а растела во Оукленд, Калифорнија. Поднасловот на делото е „Едно американско патување“, што почнува скромно, но ја води кон највисоката позиција што ја држела жена во политичката сфера во САД. Ова е книга за најсуштествените вистини што нè обединуваат и за долгата борба да се сознае кои се тие вистини и како најдобро да се дејствува според нив, прикажани преку личниот живот и низ сите сегменти на животот во САД, на жената која е еден од најинспиративните американски политички лидери.

Мајката на Харис, Шјамала Гопалан Харис, е родена во Индија, додека нејзиниот татко, Доналд Харис, е од Јамајка и e економист и бил професор на Универзитетот „Стенфорд“. По нивниот развод, Камала растела со мајка ѝ, истражувач и активистка во борба за граѓански права. Иако уживала и го сознала своето индиско наследство, нејзината мајка ја прифатила афроамериканската култура на Оукленд и во нив ги вовела неа и нејзината помала сестра Маја. Кога Гопалан Харис прифатила работно место како професорка на Универзитетот „Мекгил“, семејството се преселило во Канада, каде што и Камала пет години одела на училиште.

Харис посочува дека никогаш немала проблем со својот идентитет и дека едноставно се опишува себеси како „Американка“. Колеџот го завршила во САД – поминала четири години на Универзитетот „Хауард“, што го опишала како едно од најголемите искуства во нејзиниот живот. Дипломата по право ја стекнала на Универзитетот „Хејстингс“ и ја почнала кариерата во канцеларијата на окружниот јавен обвинител во градот Аламеда. Потоа станува окружна обвинителка, главен тужител за Сан Франциско, а потоа е избрана за прва жена и воедно е прв Афроамериканец на позицијата главен правобранител на Калифорнија. Во текот на речиси двата мандати поминати на ова место, таа стекнува репутација на една од најголемите ѕвезди во Демократската партија, искористувајќи го овој момент за да го придвижи својот избор за помлад американски сенатор од Калифорнија во 2017 година.

Во 2019 година Харис ја поднесе својата кандидатура за претседател на САД, но не успевајќи јасно да ги пренесе своите ставови и да допре до гласачите, Харис се повлекува од трката и станува партнер во кандидатурата на претседателот на САД, Џон Бајден. Во 2021 година стана првата жена потпретседателка на САД. По речиси четири години поминати на оваа функција, повторно се враќа во игра за прва претседателка на САД.

Деновиве изјави дека обезбедила поддршка од мнозинството делегати на Националната демократска конвенција да стане кандидат на Демократската партија за претстојните претседателски избори. Зад неа застана и цел Холивуд, а поддршка и дадоа и Барак и Мишел Обама. 

Книгата „Вистините во кои веруваме“ е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн на www.literatura.mk.