Голем интерес за дуалното образование – само уште десет слободни места во Велес

Нашиот пакет на услуги поврзани со реорганизацијата на глобалните синџири на добавувачи опфаќа различни услуги достапни и во дигитален формат, вели Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во нашата земја

 

 

Во рамките на дуалното стручно образование по германски модел, досега се пријавени 80 ученици за слободните места во паралелките за дуално стручно образование, вели Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во нашата земја, во неговата Утринска телеграма.

„Во Велес сè уште има десет слободни места за образовниот профил ‘Техничар за производно машинство’, а учениците коишто ќе се запишат на овој профил, ќе може да ја обават својата практична обука во компаниите ‘Маркарт’ и ‘Брако’. Ова е воедно и повик до сите оние, коишто познаваат млади талентирани деветтооделенци од Велес, коишто покажуваат афинитети кон техничките науки, да ја разгледаат оваа можност за продолжување на образованието и да се пријават во одделението за дуално стручно образование“, вели Мартенс.

Тој се осврнува и на реорганизацијата на глобалните синџири на добавувачи, при што пакетот на услуги се нуди и во дигитален формат.

„За компаниите кои се со седиште во Германија ја нудиме услуга за пронаоѓање на добавувачи, којашто има за цел да ги поврзе со индустриски и софтверски компании од Северна Македонија, Косово и Албанија. Пакетот нуди компактна анализа на секторот посредување меѓу бизнис-партнери, организирање виртуелни состаноци со вметнувањето на Augmented Reality, правно и даночно советување со детални информации за трговските услови, виртуелни конференции на добавувачи, како и истражувачки патувања“, вели Мартенс.

Пакетот извоз на услуги од „Западен Балкан“ наменет и за македонските компании нуди скриниг на компанијата во Германија, обука на добавувачот за настап на пазарот, која опфаќа сертифицирање, царински прашања и можности за финансирање, како и експертски советувања од водечки личности од германската индустрија и германските здруженија, коишто ги оценуваат можностите на македонските/албанските/косовските компании за настап на германскиот пазар, и вршат посредување при стекнување бизнис-партнери со можност за Б2Б-средби и поддршка за саеми како и организирање на виртуелни состаноци преку вклучувањето на Augmented Reality.

„Нашиот пакет на услуги поврзани со реорганизацијата на глобалните синџири на добавувачи опфаќа различни услуги доколку се одлучите за промена на локацијата на Вашите производни капацитети, како што се: анализа на пазарот, правно, финансиско и даночно советување во однос на индустриските развојни зони, истражувачки патувања и на крајот, нашите сметководствени услуги и даночно советување во фазата на етаблирање на Вашата компанија на македонскиот пазар“, вели Мартенс.

Инаку, минатиот вторник во рамките на иницијативата за извоз на енергија на Сојузното министерство за економија и енергетика (BMWi) и во соработка со компанијата Energiewächter GmbH, Делегацијата на германското стопанство беше домаќин на првата дигитална конференција на тема: „Енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија во индустријата во Северна Македонија“.

„Среќни сме што конференцијата ја следеа над 100 учесници и истовремено би сакале да изразиме благодарност до сите партнери за успешната соработка“, се вели во Утринската телеграма на Делегацијата на Германското стопанство во Северна Македонија.