Голем бесплатен концерт во сабота со Дарио и Миг-21, Елена Ристеска, Викторија Лоба, Кристина Арнаудова, Барбара Поповиќ и „2 Бона“


Во сабота, 13 септември, со почеток во 19.30 часот по трет пат ќе се одржи големиот музички хепенинг „Нешто што ќе остане“ во Паркот на Франкфонија. На овој музички хепенинг којшто ќе биде бесплатен за сите граѓани ќе настапат едни од најпознатите македонски изведувачи Дарио и Миг-21, Елена Ристеска, Викторија Лоба, Кристина Арнаудова, Барбара Поповиќ и групата „2 Бона“. 
 
По тој повод, денеска градоначалникот Горан Герасимовски одржа заедничка прес-конференција со дел од изведувачите на којашто ги повикаа сите скопјани да дојдат на големиот концерт. 
 
„Ве покануваме да бидете дел од големиот музички концерт „Нешто што ќе остане“ којшто по трети пат го организираме. Изминативе три години инвестиравме многу во делот на културата. Во 2021 година започнавме со буџет од 3 милиони денари за култура, оваа година достигна 13 милиони денари. Ова покажува дека нашата грижа за културата, за културните настани, за негување на македонската музика е на највисоко ниво. Така планираме да продолжи и во наредните години. Буџетот за наредната година планираме и да го удвоиме, од 13 на 26 милиони денари, за да нашите жители во Општина Центар, во градот Скопје уживаат на голем број културни настани коишто ќе ги организира Центар“, рече Герасимовски. 
 
Кристина Арнаудова, ја поздрави иницијативата да се организира еден ваков настан кадешто ќе се поддржат македонските изведувачи. 

„Би сакала да ја поздравам иницијативата да се организира еден ваков настан и во овие времиња да се издржи да се работи само со македонски артисти. Задоволство ќе ми биде на 13 септември да бидам со граѓаните на Скопје и на Општина Центар како некој којшто повеќе од половина живот живее во срцето на градот, во Дебар Маало. Навистина ќе ни биде драго со моите сограѓани да поделиме едно навистина убаво расположение, добра журка. Се надевам дека посетата ќе биде добра како и минатите години што покажува дека луѓето сакаат македонска музика и сакаат што повеќе вакви настани“, изјави Арнаудова. 

 
Викторија Лоба, ги повика центарци да дојдат во сабота во добро расположение. 
 
„Чест и задоволство ми е што ќе бидам дел од овој прекрасен настан и со нашите драги колеги од македонската естрада сакам да го разубавиме овој убав 13 септември со добра македонска музика. Ве очекуваме сите да дојдете со вашите насмевки и во добра расположение“, истакна Лоба.
 
Во изјава за медиумите, Барбара Поповиќ истакна дека ги чека сите центарци и скопјани во сабота на убава забава.
 
„На 13 септември, ве чекаме во Паркот на франкофонијата да направиме убава забава, да се собереме и да шириме само позитива“, потенцираше Поповиќ.
 
Водител на настанот ќе биде Вера Јанковиќ. Концертот е во организација на Општина Центар и истиот е бесплатен за сите граѓани.