Годишната инфлација во Турција во јануари достигна 64,8 отсто


Инфлацијата во Турција во јануари изнесуваше 6,7 отсто во однос на претходниот месец и достигна ниво од 64,86 отсто на годишна основа, покажуваат денеска објавените податоци на Турскиот статистички институт (Туркстат), пренесува државната телевизија ТРТ Хабер.

Промената на просечната вредност на индексот на потрошувачките цени за дванаесетте месеци од претходната година изнесува 54,72 отсто на годишна основа, наведува Туркстат.

Со најмал пораст во однос на истиот месец од претходната година се цените на облеката и обувките кои се повисоки за 40,62 отсто. Најголем пораст на цените во однос на истиот месец од 2023 година е забележан кај рестораните и хотелите за 92,27 отсто.

Значително повисоки се и цените во секторот здравје и лична нега во однос на претходниот месец со пораст од 17,68 отсто.

Месечната инфлација, мерена преку индексот на потрошувачките цени на прехранбените производи, за јануари 2024 година изнесува 6,85, а во однос на месец јануари претходната година – 67,68 отсто. Просечната промена на цените на прехранбените производи за дванаесетте месеци од 2023 година изнесува 59,60 отсто, покажуваат податоците на Туркстат.